Опозицијата бара итна седница за разрешување на Катица Јанева

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева. Иако власта вчера експресно го одби барањето таа точка да биде ставена на дневен ред на седница, од опозицијата бараат итно разрешување но и одговор зошто мнозинството и покрај договорот на сите пратенички групи продолжува да ја штити Јанева.

Спикерот Џафери пак не се брза – имал рок уште три дена да ја свика седницата со единствена точка за разрешување на осомничената Јанева. Негласањето вчера го правда дека го чекал извештајот од сите политички партии па дури потоа да закаже седница, но признава дека поради лидерската средба од него индиректно било побарано да го пролонгира разрешувањето. Првично за утре или сабота најавува седница.

Иако Џафери се повикува на собранискиот деловник, опозицијата се сомнева дека собраниската седница свесно се пролонгира за Советот на јавни обвинители да нема време да ја донесе конечната одлука. Пратеникот Илија Димовски вели дека секое пролонгирање значи и спас на Јанева.

-Талат Џафери треба итно, за денес, да ја свика седницата за разрешување на Катица Јанева, за да има време Советот на Јавни обвинители да ја донесе конечната одлука. Секое одложено закажување на седница за утре значи спасување на Катица Јанева и прикривање на рекетот и уцените, пишува Димовски.

Според процедурата за нејзино разрешување, Советот за јавни обвинители по добиениот став на Собранието, треба да ја констатира причината за разрешувањето на Јанева, односно незаконското, нестручно и несовесно работење, каква што е препораката едногласно усвоена од собраниската Комисија за прашања на избори и именувања.
Но токму ова отвора и дилема дали краткиот рок ќе биде искористен од парламентарното мнозинство за Советот да не може официјално да ја разреши Јанева, туку само ќе констатира дека мандатот и истекол?

Ова сценарио се вклопува во шпекулациите на јавноста дека постои план за спасување на Јанева и предметите од СЈО кои ако Јанева не е разрешена од Совет за јавни обвинители, нема да бидат предмет на ревизија односно нема да се преиспитува дали Јанева несовесно постапувала во сите други предмети на СЈО.
Инаку до 15-ти согласно законот за СЈО истекува мандатот на Јанева со тоа и мандатот на десетте помошници обвинители.

Ивана Соколовиќ Најдова