Опозицијата сама го донесе Димитров во Собранието, Заев одбива да дебатира за спорот со Бугарија

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров конечно се појави во Собранието, но само како макета. Откако по втор пат не собра храброст да се појави пред пратениците и како претставник на Владата да даде отчет за работењето, што патем и му е обврска, на опозицијата не и преостана ништо освен да го смести на комисиското сточе барем како слика.

Но не само Димитров, повторно не се појави ниту министерот за надворешни работи Бујар Османи, ниту пак пратениците од владејачката СДСМ кои како народни избраници исто така избегнуваат расправа за прашањето со Бугарија. Претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски порача дека за вакви национални прашања, власта мора да го информира Собранието, што во овој момент не е случај.

-За жал не бевме удостоени ниту со образложение на самата покана, иако ја доставивме навремено. Обезбедени се сите здравствени протоколи, се што треба, но очигледно нивното отсуство од Собранието е нивна политичка одлука и покажување на непочитување кон собранискиот дом како претставник на народот и граѓаните во Македонија, изјави Милошоски.

За Бугарија, во Парламентот нема намера да дебатира ниту премиерот Заев. Иако јавноста бара одговори, нему повторно му е виновна опозицијата:

-Секој пат сме транспарентни, посебно Парламентот кој што не избрал, да бидеме присутни секаде, никаде во светот, ниту пак кај нас во финалето на разговорите, затоа што на 17-ти во вторник е веќе ГАК или Советот на министри на ЕУ, во Собранието кога ќе дојдеме заради покажување на мускули од опозицијата, затоа што тие не се никако одговорни, покажале дека не се одговорни последните години, апсолутно ништо не им е гајле и грижа што е со иднината на државата, само им е гајле политички поени, изјави Заев.

За разлика од премиерот, министерот за надворешни работи Османи изразува подготвеност за разговори со опозицијата, но не пред јавноста. Вакво нешто понуди и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, кој кажа дека доколку е потребно дебатата може да се одржи и на затворена за јавноста седница.

-Спремен сум да се сретнам со опозицијата, тука во министерството, во нивното седиште, но реков ниту со нашата опозиција, ниту со бугарската опозиција, немам намера да влезам во јавен политички дискурс и дебата која може да биде дисторзирана и искористена во дневни политички прашања и може да му наштетат на овој витален процес, изјави Османи.

И пратеникот Павле Трајанов кој е дел од владејачкото мнозинство порача дека власта мора да разговара со опозицијата за вака сензитивно прашање како што е спорот со Бугарија, која ја уценува Македонија да се откаже од својот идентитет и јазик пред 1945 година.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста