Опозицијата предупредува од ценовен струен шок – Мицкоски бара власта да го прифати нивниот предлог за намалување на ДДВ-то на сметките за струја

Очекувањата се дека на 1 јули цената на електричната енергија ќе поскапи за 15 до 18%, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, само со намалување на ДДВ-то на сметките за струја, од 18 на 5 проценти, граѓаните ќе бидат поштедени од еден дополнителен удар врз нивниот и онака оскуден буџет. Мицкоски потенцираше дека компаниите МЕПСО и ЕВН кои учествуваат со 38% од цената на електричната енергија, веќе побарале зголемување од по 5%, што секако ќе влијае и врз цената која ќе ја понудат трговците.

„Оние 62% кои остануваат во најголем дел се цената за струјата која досега ја обезбедуваше ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ, по цена од 38,5 евра за мегават час. Таквата цена доведе да денеска загубата на компанијата којашто на времето имаше 1,5 милијарда евра депозити и 350.000 на сметка и нула долгови, во 2020 заврши со загуба од 1 милијарда и 33 милиони денари или речиси 17 милиони евра. Како резултат на тоа доведено е во прашање ликвидноста на компанијата, засилена со пљачката која таму се случува, ЕЛЕМ ќе понуди цена на електрична енергија која се очекува да биде помеѓу 55 и 58 евра за мегават час. Тоа ќе биде во вкупна количина од 70% потребите на ЕВН ХОМЕ односно од потрошувачите кои добиваат сметки од ЕВН. Останатите 30% ќе биде цената која ќе ја понудат трговците а таа во моментов на берзите изнесува околу 70 евра. Кога сето ова ќе се сведе на вкупна цена очекуваме дека граѓаните најмалку ќе плаќаат 18% поскапа цена“, појасни Мицкоски.

Мицкоски алармира дека повисока цена на струјата, ќе значи и повисоки цена на трговците и дополнително осиромашување на граѓаните. Според него, ако Регулаторна треба да го прифати предлогот на ВМРО ДПМНЕ за намалување на ДДВ-то на сметките за електрична енергија, ќе се соочи со масовни протести на кои граѓаните ќе го искажат својот револт кон погрешните политики на власта.

Биљана Бижиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста