Опозицијата бара, власта бега од избори – мнозинството на „стаклени нозе“

Час поскоро да има предвремени парламентарни избори, бара првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој од Охрид изјави дека актуелната власт е Влада на ДУИ, администрирана од Димитар Ковачевски која се одржува на вештачки начин. Мицкоски е на став дека новиот премиер се плаши да даде конкретни одговори околу тоа кога ќе има предвремени избори.

  • Подготвени сме да доставиме и измени во изборниот законик во кои што ќе нема техничка влада, односно да нема 100 дена губење време на граѓаните на Македонија, и ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена, ако е тоа пречката па се исплашени од предвремени парламентарни избори нека им остане министерот за внатрешни работи, нека им остане новиот министер за труд и социјална политика, нема да има заменици во земјоделие, финансии, и администрација и информатичко општество, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ испрати порака и до помалите коалициски партнери во Владата дека ако се за една изборна единица како услов за избори, тогаш тој е подготвен да разговара и за тоа прашање.

На изјавата на Мицкоски реагираа и од СДСМ. Побараа од него да престане со, како што велат, опструкции, бидејќи, како што порачуваат – избори немало да има.

  • Избори нема да има, парламентарното мнозинство е зголемено избрана е нова Влада, Мицкоски да престане да опструира и да ја малтретира јавноста со неговите лични желби, истакнаа од СДСМ.

Шефот на државата, пак, Стево Пендаровски, околу евентуалните предвремени избори, рече дека само ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ можат да соберат 61 глас за распуштање на Парламентот и за нивно организирање. Вели дека другите партии „не биле во таква политичка кондиција“ за дали се „за“ или „против“ избори.

  • Сепак, кој би бил мотивот на ДУИ за тоа. Тие може да речат дека така ќе освојат повеќе пратеници, но дали е можен напредок во европската агенда со ВМРО-ДПМНЕ. Ако се постигне договор со Бугарија, дали имплементацијата ќе биде подобра со ВМРО-ДПМНЕ, рече тој.

Од друга страна експертите се согласни дека и оваа Влада која има кревко мнозинство од само 62 пратеника, ако се суди според гласањето во неделата, нема да може да се соочи со вака сериозни предизвици. Оттука најдобро решение би било организирањето предвремени избори.

Новата Владата веќе е соочена со уште еден ултиматум – ако во рок од три месеци не се донесат измени на Изборниот законик со кои Македонија би станала една изборна единица, пратеници од пет помали партии во владејачката коалиција најавуваат дека ќе ја откажат поддршката на Владата, што ќе предизвика предвремени избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им порача дека е подготвен да разговара со нив на оваа тема.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста