Опозицијата бара реален и кредибилен попис
Со тројца сведоци до македонско државјанство – предлог законот за државјанство на Алијанса на албанците наиде на остри критики од експертите. Се отвора прашањето дали се на повидок можности за злоупотреба на законот во пресрет на најавениот попис на 1 април идната година. Со попишувањето ќе се приберат информации за сите државјани на Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, оние, пак, кои живеат во странство а имаат македонско државјанство ќе може да ги попише некој од нивното семејство. Опозицијата алармира дека ова се најгорливи теми – вака најавениот попис ќе биде далеку од стандардите на ЕУРОСТАТ и ОН за кредибилитет на истиот. Попис треба да има оти е од суштинско значење за државава, но предупредуваат дека властите ќе изнајдат начин да маневрираат со бројките на попишаните граѓани.
„Ние навистина имаме желба да спроведеме еден реален и кредибилен попис кој ќе биде во корист на македонските граѓани и на македонската иднина. Но, унитарна иднина. Зошто го потенцирам ова? Никаде во светот не се попишуваат државјани. Тука е да речам големото дволично, неискрено и пак ќе повторам крајно тенденциозно маневрирање од страна на власта“ – вели пратеничката од ВМРО ДПМНЕ Илина Василевска.
Со предлог законот за државјанство ќе се отворат можности за над 70 000 нови државјанства, луѓе кои го изгубиле државјанството по распадот на СФРЈ. Во предложените измени стои дека лицата кои до 8 септември 1991 година живееле во Македонија, може да се стекнат со овој документ со дадена изјава од тројца сведоци. Од Алијанса не криеја дека овој предлог го презентираат поради пописот кој следува.
За ова реагираше и поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, кој смета дека предлогот е несериозен и постојат меѓународни конвенции и строги правила за тоа како се стекнува државјанство.
И од владејачката СДСМ се изјаснија дека имаат многу забелешки за предлог законот. Партијата имаше забелешки за кои најави дека ќе разговара со пратеничките групи и ќе поднесе амандмани со цел да се обезбеди поширок консензус за да се дојде до соодветно решение.
Адријана Алексиеска