Итен ребаланс на буџетот за кратење на непродуктивните трошоци и Стратегија за справување на последиците од коронакризата – предложија од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата предвидува вклучување на специјализантите и младите лекари во борбата со вирусот, а во октомври и награда од половина нето плата за здравствените работници. Планираат и бонус од една цела плата за вработените во ГОБ 8-ми септември и Инфективната Клиника. Од партијата велат дека клучно е да се врати довербата во здравствениот систем.

Награда од 20 илјади денари треба да добијат и полицајците. Стратегијата содржи и мерки за помош на бизнисот и граѓаните. Партијата вети дека ќе се обиде да издејствува повторно одложување на кредитите за граѓаните, како и можност за покривање на каматата за најзагрозените лица. Ќе се зголемат сумите на владините платежни картички и ваучери за одење на одмор во македонските туристички центри. Предвидено е редовните студенти на државните универзитети да се ослободат од плаќање партиципација за претстојната учебна година. Доколку студентите не се вратат физички на факултетите, ќе се даваат 12 илјади денари на најзагрозените за купување компјутери и лаптопи за следење на настава. Планирано е и да продолжи помошта за фирмите за исплата на плати.

Економски раст од најмалку 4% секоја година, пад на невработеноста под 10%, повисоки плати за минимум 25%, домашни и странски инвестиции од 4 милијарди евра за 4 години, ниски даноци. ВМРО-ДПМНЕ ја презентираше предизборната програма „За обнова на Македонија“ која содржи над 1.000 проекти за граѓаните. Партијата ветува максимални 36 илјади денари плата за наставниците во основните и средни училишта и плати до 100 илјади денари месечно за професорите на факултетите. 160 милиони евра или вкупно 640 милиони за 4 години во вид на субвенции треба да добијат земјоделците. Предвидени се и 80 милиони евра за нови водоводни мрежи, како и покривање на половина од трошоците за механизација, добиток и насади.

Тања Попова