Опасниот делта сој не ги плаши здравствените власти, нема нови мерки при влез во државата

Опасниот индиски сој на ковид19 не ги плаши здравствените власти. Комисијата за заразни болести не препорача нови мерки, со образлжение дека епидемиолошката состојба е под контрола и нема потреба за заштита на граничните премини и воведување на задолжителен ПЦР тест за влез во земјава. Тука се поставува дилемата дали со повторување на старите грешки – носење задоцнети мерки, ќе се избориме со опасноста која со себе го носи делта мутацијата? Експертите одамна предупредуваат дека час поскоро е потребно да се спроведат превентивни мерки бидејќи летото е ризично. Алармираа дека овој период мора да се забрза имунизацијата на населението, за есента, да ја дочекаме подготвени.

Граѓаните бараат заштита пред лекување, за да се избегне и најмала можност за преполнување на ковид болниците.

И додека светот ги враќа рестрикциите поради брзото ширење на идинската мутација, министерот Филипче пред една недела оптимистички најавуваше дека епидемијата во Македонија може да заврши во август. Но дали тоа е можно?

Инаку, во Грција е зголемен бројот на новозаразени во изминативе 4 дена меѓу 156 и 266 нови случаи. Споредено со минатата недела бројот на новозаразени е зголемен за 262 отсто. Затоа грчките власти остануваат внимателни – од денеска на сила се нови мерки за патување на островите, потребно е сертификат за вакцина, ПЦР или потврда за прележан ковид. Во Србија Бугарија и Албанија здравствените власти размислуваат за построги рестрикции за делта мутацијата. Британија генерално има најголем број рестрикции од земјите од Европа, каде се бара карантин и ПЦР тест.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста