Опасната МРСА се појави на стоматологија – потврден еден заразен

Вонредна дезинфекција на државна стоматологија. Вработен на Клиниката се заразил со опасната бактерија МРСА. Тој деновиве се пожалил на симптоми кои укажувале дека ја има бактерија, а лабораториските анализи вчера ги потврдиле сомнежите. Надлежните велат нема место за паника. Вработениот бил забен техничар и тој не бил во контакт со пациентите.

Денеска Клиниката за стоматологија работеше со полна пареа. Камерата на Алфа сними десетици пациенти како влегуваа и излегуваа од зградата. Таму уште вчера била извршена дезинфекција на катот каде работел заразениот техничар. Останатите простории превентивно се прскале во текот на денешниот работен ден. Кај другите вработени немало симптоми на МРСА, велат надлежните.

„Превентивно по итна постапка во текот на денешниот ден се закажани термини за санитарен преглед на сите вработени во просториите на клиниката“, соопштуваат од Стоматологија.

МРСА е стафилококна бактерија која лесно се пренесува при директен контакт со заболено лице. Таа е исклучително отпорна на антибиотици. Кај заразените може да предизвика инфекции на срцевите залистоци или коските и воспаленија на белите дробови, па дури и сепса.

Биљана Божиновска