Онлајн наставата ќе стартува, 40.000 деца ќе останат без компјутери

40.000 деца би можеле да останат без образование оти немаат компјутер. Министерката за образование Мила Царовска призна – владата нема можност да им обезбеди ИТ уреди на децата кои немаат компјутер за да следат настава.

„40.000 деца во државата веројатно нема да имаат ИТ уреди коишто ќе може да ги користат во домашни услови. И тоа е затекната состојба која не може да се надмине за период од еден месец. И токму затоа за сите тие деца, ќе има часови кои ќе бидат поставени на националната телевизија, на каналите коишто се веќе обезбедени и преку нив тие ќе може да бидат изложени на информациите кои што треба да ги добијат во училиште“, вели министерката за образование Мила Царовска.

На десет дена пред стартот на учебната година, МОН конечно ја претстави платформата за онлајн настава. Според надлежните на стартот од учебната година проблемите со употребата на платформата ќе биле очекувани.

„Многу предизвици стојат пред нас, и пристап до дигитална опрема исто така и до интеренет конекција. Да се инвестирало изминатите 15 години доволно во образованието, денеска овој проблем немаше да го имаме.

Во меѓувреме, неизвесно е дали децата од прво до трето одделение ќе седнат во училишните клупи. Од МОН вчера посочија оти секојдневно се следела епидемиолошката состојба – доколку се влоши сите деца ќе учат од дома.

Средношколците пак се уште чекаат одлука дали надлежните ќе им дозволат да посетуваат комбинирана настава. Доколку не се прифатат нивните барања, тие размислуваат да го бојкотираат онлајн учењето.

Инаку, од вкупно 494 основни и средни училишта во земјата, 113 побарале од владината Комисија да им дозволи одржување физичка настава од 1 октомври. Од нив, 79 се основни и 34 се средни. Евалуацијата е во тек, а конечната одлука ќе се донесе на владина седница.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста