Он-лајн наставата во руралните училишта, проблем и за учениците и за родителите ?

Тешко ќе оди онлајн наставата во руралните средини, а уште потешко ќе биде да се изведува и со физичко присуство. Електронското учење ќе биде проблем и за родителите и децата во селските средини, децидни се наставниците. Но и прашање е како среде пандемија би се вратиле учениците во клупите кога во старите училишта пред распаѓање во руралните места,  нема основни услови за одржување на хигиена.

Одделенскиот наставник од училиштето „Илирија“ од Житоше кое во 21 век има само полски тоалети без струја и врати, појаснува зошто физичкото присуство е важно особено за најмладите ученици.

          – “Како прво физичкото присуство е најбитното нешто за учениците, особено за оние од помалите одделенија, а како второ, он-лајн наставата за сите нас е нешто ново, посебно за наставниците кои се пред пензија, кои што не го зачекале тоа „електронско доба“. Секако, физичкото присуство е подобро од он-лајн настава. Јас би дозволол да има настава со физичко присуство каде што тоа е возможно, затоа што има училишта каде што нема многу ученици и тие можат да се распределат во три смени“ – тврди одделенскиот наставник, Адмир Ујкановиќ.

              “Нема никакви услови за такво нешто. Е, сега, како ќе го организира тоа, тој министерот за образование јас, не знам. Плус овде има деца кои се под нулата, како да речам, немаат квалитет…“ – ни изјави Јусуфи Зекирија.

И Директорот на училиштето во Житоше се сомнева дека електронското учење тука би имало некакви резултати. Притоа посочува дека најголем дел од родителите се необразовани земјоделци и дека или немаат време или пак не знаат како да му помогнат на своето дете .

         Од Министерството за образование, свесни се за проблемите во селските средини, а велат изборот ќе им биде оставен на родителите. Потоа согласно добиените бројки и хигиенско-техничките услови, ќе се направел план во кое училиште како ќе се одвива наставата.

          „ Сакаме да го прашаме секој родител да се произнесе. Ќе биде кажано и на директорите и на наставниците, а и во јавноста сигурно тоа ќе го промовираме тогаш кога ќе треба ова да помине на Влада, и ќе им се каже кои се предностите и негативностите од секој вид на настава“, – ни изјави Елизабета Наумовска, техн. заменик- министер за образование.

Се поизвесно е дека во ваквите средини родителите ќе се одлучат за враќање на учениците во школо, но она што ќе остане нерешено е условите за учење во стари училишта без тоалети.

Каролина Дурло

1
2
КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста