Охриѓани со поделени мислења дали треба да се затвори градот за Велигденските празници

Охриѓани со поделени мислења околу тоа дали за Велигденските празници треба да се забрани влез на жителите од други општини во туристички Охрид -барање кое што Кризниот штаб на општината го достави до Владата.

„Не,не би рекла таа слобода да му ја одземиш на човекот.Кој сака ќе излези, кој не сака ќе си седи дома. Не знам, не исправно би било. Ништо не е страшно. Тоа е предлог на општина Охрид заради ширење на вирусот? Колку што гледаме на телевизија умрел овој, па станал оној“

„Никој да не доаѓа,ни еден. Зошто? Затоа што ќе донесат вирус“

„Да, се слагам со тоа прва лига е. Зошто? Еве какво е времето мора да се пазиме. Среќни празници и ова што побрзо да се мафнит,е така чао“

„Не само Охрид и останатите градови“

„Ситуацијава како што е да си е помирно и за нас и за тие што ќе дојдат, ако дојдат, мада нашиов човек ќе најде начин да дојде, не е проблем; 6. Би требало да е отворено може да се контролира тоа, со добра организација затоа што нема никаков ефект да затвориш во карантин еден цел град“ – велат граѓаните.

За епидемиолог Караџоски, барањето на охридскиот градоначалник да се оневозможи посета на Охрид каде има голем број викенд станови и куќи чии сопственици празнично доаѓаат,било нехумано и епидемиолошки неиздржано. Рече, за полесно да спиете рачунајте дека во цела држава има Ковид.

„Затварање во својата љуштура,односно во своето гето кое што велиме ќе се вика затворено за останатите жители на државата, прво не е коректно, второ тие луѓе плаќаат порез на општината каде што вие живеете, односно каде градоначалникот собира пари од тие луѓе од даноците, трето добивате или добива помош општината од државата“ – Д-р Жарко Караџоски-Институт за јавно здравје.

Караџоски го навлече гневот на охриѓани.

“Докторе, држи се до струката,за друго абер немаш. Дали не е Ваша препорака да седиме дома во своите микро љуштури?“

„Дали не е Ваша препорака да не патуваме освен ако не мораме заради неодложни работи? Дали патувањето во друг град за викенд е неодложна работа?“

„И охриѓани кои ги исплукавте плаќаат данок од кој Вие и Вашите колеги земате плата“

„Данок плаќаат и сопствениците на кафетериите и рестораните па не смеат да ги користат по Ваша препорака,зошто тогаш не скокавте како див петел “-ова се дел од коментарите на социјалните мрежи“

Инаку после 61 часовната забрана за движење, убавото време за прошетка го искористија, но не само охриѓани.

„Од Прилеп сум се шетам. Со кого су дојден? Со другар. И каде ќе одите ? Да го видиме езерото,да шетниме малце“

„Малку на една прошетка кратка, вообичаено како секој ден се придржуваме до мерките“

Повеќето од дуќаните во охридската чаршија се затворени, не работат нити угостителските објекти, но сепак денес беше раздвижено а во централното градско подрачје немаше слободен паркинг простор. Дел до автомобилите според регистарските таблички,беа од други градови.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста