Охридското одделение за трансфузиологија под клуч до понеделник, за потоа под знак прашалник

Охридското одделение за трансфузиологија останува под клуч до в понеделник- се чекаат резултатите од повторените тестови на докторката чиј првичен тест бил позитивен на коронавирус, а сите останати нејзини колеги биле негативни.

Вработените во Службата за трансфузиона медицина веќе една недела се во домашна изолација, откако биле во контакт со заболен од коронавирус. Охриѓанецот кај кој на 20-ти март беше дијагностициран опасниот вирус, на 9-ти март дошол на одделението за трансфузиологија за да му биде направен тромботест.

-Шансите докторката да се инфицирала од овој пациент се невозможни од проста причина што таа немала директен контакт со пациентот, лаборантите се тие што земаат крв и при тоа носат заштитна опрема-вели за Алфа директорот на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје, Садула Усеини. И за охридските епидемиолози е нејасно,како е можно сите останати 9-тмина да бидат негативни, а докторката  да биде позитивна?

 Сите останати имаат негативни тестови, мора да се повтори тестот на една од вработените здравствени работници за да кажеме дека нејзиниот тест е позитивен или негативен.Ако е позитивен,значи ли тоа  дека не се заразила од пациентот ? Ќе почекаме најдобро, резултатите да покажат па ќе дискутираме покасно , вели д-р.Јована Коровешоска-Центар за јавно здравје.

Или се работи за грешка или доколку пак повторените тестови го потврдат првичниот резултат ,изворот на  заразата  кај докторката треба да се бара на друго место –дециден е директорот на Интитутот за трасфузиологија,Усеини.

Страв и паника има и кај останатите вработени  кои ја делат иста зграда со службата за трансфузиона медицина,а тоа се болничката лабараторија и одделението за физикална терапија.Во овие два оддели каде постојани има фреквенција на пациенти, работат 30 доктори специјалисти, лаборанти, и друг помошен медициски персонал.

Останува прашањето дали доколку и повторените тестови на докторката бидат позитивни,менаџментот на охридската болница ќе одлучи да го затвори двата оддели а сите вработени да бидат ставени во карантин.

Охридската болница сега потребите за крв ги задоволува купувајќи крв од струшката ошта болница и специјалната болница Свети Еразмо.

Инаку во Охрид, до сега има двајца заболени од коронавирус-маж кој дошол од италијанскиот град Бреша, и жена на која заразата и ја пренеле  гости од Австрија.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста