Охридските болници за ортопедија и кардиологија идентификувани како приоритет на регионот – од годинава почнаа да нудат современ третман на услуги
Во охридските специјализирани болници „Св.Еразмо“, за ортопедија и трауматологија и болницата за кардиолошки заболувања, „Св.Стефан“, подобрени се условите за третман на пациентите, благодарение на инвестиција на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, преку Програмата „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман денеска во Охрид ги посетија болниците да разговараат со корисниците и ги сведочат бенефитите и процесот на спроведување на овие проекти. Домаќини и соговорници им беа директорите на установите, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и директорот на Центарот за развој на југозападен плански регион, Ваљон Каба. На посетата присуствуваа и градоначалниците на Дебар, Македонски Брод, Центар Жупа, и претседателката на Советот на Општина Струга кои беа активно вклучени во процесот на избирање на овие проекти како приоритет на регионот.
Во болницата за ортопедија преку проектот „Опремување на современ центар за физикална терапција“ се набави апарат за криотерапија и хидрауличен лифт за полесен пристап до базенот со што сега е овозможен современ третман на хидромасажа и физикална терапија, а во специјализираната установа за кардиолошки заболувања се имплементираше проектот „Подобрување на условите за здравствен туризам со реконструкција на ЈЗУ Кардиологија – Охрид“, со кои е извршена реконструкција на фасада и покривот, старата столарија е заменета со нова, купена е нова ехо опрема и во функција е ставен интегриран софтвер наменет за здравствените установи. Сѐто ова резултираше во зголемен капацитет на болниците за пациенти, намалени сметки за струја, како и зголемена ефективност во работата.
„Имплементацијата и на двата проекта е уште еден доказ за континуираната наша соработка со Владата на Швајцарија за унапредување на сите региони и овозможување на квалитетен живот на сите граѓани. Ме радува што инвестираме и во проекти кои имаат социјална димензија каков што е случајот со двете специјализирани болници кои ги посетивме денеска. Во ‘Св.Еразмо’ ги подобривме условите за третманите на хидромасажа и физикална терапија, а со тоа пациентите кои имаат потреба од рехабилитација, сега побрзо да можат да продолжат со извршување на секојдневните активности. Со купување на новата опрема за ехо дијагностика, во болницата за кардиологија се создадоа услови за поголем број на прегледи и напредни дијагностички услуги. Несомнено е дека и во двете болници подобрен е квалитетот на медицинските услуги кои се нудат на задоволство на сите пациенти“, изјави министерот Перински, по обиколката на здравствените установи.
Швајцарската амбасадорка, Вероник Улман, истакна дека Швајцарија останува посветена на поддршката на децентрализацијата и локалното управување во земјава.
„Јасна визија што се основа на потребите и приоритетите на регионот, како и придобивките од меѓуопштинската соработка се од суштинско значење за регионалниот развој. Регионите во Северна Македонија се соочуваат со широк спектар на развојни предизвици. За да се успешни во справување со овие предизвици мора да има партиципативен и транспарентен процес на одлучување кој гарантира дека потребите на луѓето се земаат во предвид при развивање проекти финансирани од владата и донаторите“, изјави амбасадорката Улман.
Директорите на установите, искажаа јавна благодарност за поддршката на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија за инвестицијата со чија помош во голема мера се подобрени условите за третман и престој на пациентите.
„Чест ни е што добиваме внимание и од швајцарската влада и од Министерството за локална самоуправа. Вакви инвестиции кои се од огромно значење за нашата установа, особено ни се важни во сегменти во којшто сме ретки во државава и атрактивни за пациентите кои се третираат кај нас“, истакна директорот на „Св.Еразмо“, Харалампие Шокаровски, кој посочи дека установата е конкурентна во балканскиот регион, со тенденција да стане конкурентна и во европски рамки.
Според Билјана Теговска, директорката на ЈЗУ „Кардиологија“, проектот значително влијаел за подобрување на установата во многу сегменти. Со реконструкцијата на дотраениот кров, фасада и столарија, објектот станал енергетски ефикасен со што одделот за рехабилитација сега е функционален преку целата година.
„Со набавка на новата ултразвучна ехо дијагностика, овозможени се побрзи, прецизни и зголемен број на ехо прегледи, како и користење на нови дијагностички процедури. Немаме проблем со навремено закажување термини за пациентите и за следење на нивната историја, благодарејќи на интегрираниот софтвер кој многу ги олесни и модернизираше административните процедури. Сето ова допринесе за поголема грижа за пациентите и овозможување на квалитетна медицинска здравствена услуга“, истакна директорката Теговска.
„Кога се ќе ставиме на маса, можеме да кажеме дека Охрид очигледно станува центар на здравственот туризам“, посочи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој се надева на поддршка на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија и во иднина.
Благодарност за инвестициите изрази и директорот на Центар за развој на југозападен плански регион, Ваљон Каба, кој посочи дека неспорно е дека најголемиот бенефит од проектите ќе имаат пациентите, но, како што рече, тие значително ќе влијаат и за развој на здравствениот туризам со оглед на тоа дека услугите во двете установи ги користат пациенти не само од нашата држава, туку и од соседните земји.
Во охридска кардиологија инвестирани се вкупно 23.440.953 денари, од кои 11.323.993 се средства обезбедени од Министерството за локална самоуправа, Владата на Швајцарија го поддржа проектот со 9.200.000 денари, а 2.916.960 денари вложи Установата.
Проектот во „Св.Еразмо“ е со вредност од 2.473.304 денари, при што 1.927.200 се швајцарска поддршка, а останатите се средства на болницата.