„Охридска“ и „Шпаркасе“ и официјално се интегрираа во „Шпаркасе банка – Македонија“

Нова помоќна банка ќе го напаѓа банкарскиот трон. Со упис на статусната промена – присоединување и официјално „Охридска банка“ АД Скопје се спои кон „Шпаркасе Банка“ Македонија. Со ова, интегрираната „Шпаркасе Банка“ влегува во ТОП петте големи банки во МКД, заземајќи ја 4-та позиција на банкарскиот пазар.

  • Во изминатите две години бевме посветени на градење една поуспешна банка на пазарот со пошироки перспективи за понатамошен развој и креиравме одржливи вредности за нашите клиенти и акционери. Задоволен сум што го зголемивме нашето присуство во Северна Македонија за речиси трипати и станавме референтна банкарска групација во земјата. Заедно со силата на Ерсте Групацијата, наша цел е да го зголемиме нашиот придонес уште повеќе во следните неколку години. Ние го гледаме Западниот Балкан и Северна Македонија како регион со многу висок потенцијал за раст и презедовме уште еден чекор во вистинската насока што се покажа со позитивниот исход на проектот на интеграција, изјави Георг Бухер, член на Управниот одбор на Штаермеркише Шпаркасе и претседател на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија. 

Со спојувањето, вкупната актива на банката ќе изнесува 1 милијарди и 150 милони евра. Спојувањето ќе им овозможи на своите клиенти атрактивни и производи и услуги, како и експертиза која доаѓа од Ерсте и Шпаркасе Групацијата.

  • Нашата посветеност да ги разбираме и да ги опслужуваме клиентите ќе биде во фокусот на нашето работење. Со уште поголем и професионален тим и поголема достапност на нашите услуги ќе продолжиме да градиме уште помодерна и помоќна Шпаркасе банка Македонија. Ќе продолжиме да бидеме банка од доверба, која е препознатлив партнер на македонските економски субјекти. Ќе останеме хумана банка, која се грижи за вработените, за клиентите, за животната средина и за општеството. Заедно ќе ги дизајнираме проектите, ќе бидеме отворени за иновативни идеи и решенија, кои ја динамизираат македонската економија. Заедно можеме повеќе, изјави  Глигор Бишев, главен извршен директор и претседател на УО на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.

Шпаркасе Банка Македонија како поголема и подинамична банка, со потенцијал и со експертската поддршка која ја овозможува матичната Штаермеркише Шпаркасе, ќе продолжи да нуди отворени можности за финансирање на иновативни проекти.

Инаку, Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје останува стабилен чинител во банкарскиот сектор, партнер на македонската економија, поддржувач на бизнисите, банка посветена на сите свои клиенти и вработени, но и банка ориентирана кон заедницата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста