Огненената стихија продолжува да беснее во прилепскиот регион, опожарени и четири „социјалани семејни бараки“

        Во прилепскиот регион продолжува борбата со огнената стихија. Според последните информации од терен, на превојот Плетвар, од утринава, најкритично е во атарот на Смолане, каде постои опасност да бидат зафатени огромни површини со квалитетна борова шума, заради што, сега, сите сили се насоечни овој пожар барем да се држи под контрола. Пожарот пак, над Топлица, засега, не е толку страшен, бидејќи е високо во планината каде гори ниско-стеблеста шума, а додека пожарот кај Ракле, веќе е локализиран. Меѓутоа, поради високите температури и силниот ветар, пожарникарите велат дека не може да се предвиди каде се може да се појават нови жаришта и каков интензитет може да добие огнот.

    Инаку, заради  сериозноста на состојбата, синоќа се состана и ОКШ, па од утринава на пожарникарите им помагаат и 30 припадници на Армијата и 16 припадници од Македонски шуми, а во состојба на приправност се и комуналните претпријатија, доколку е потребно засилување.

    И додека поголемиот дел од прилепските пожарникари  веќе неколку дена се борат со шумските пожари, претпладнево, околу 11 часот, голем пожар избувна и во населбата „Социјални бараки“, од кој изгореа дури четири бараки. Првичните неофицијални информации се дека пожарот избувнал од помошна просторија во една од бараките каде соспствениците, наводно полнеле акумулатор. И покрај брзата интервенција на ТППЕ, пламените јазици многу брзо се прошириле и на соседните бараки. Еден од сопствениците, кој е тешко подвижен инвалид, потресно раскажува дека едвај спасил жива глава.

   „Ништо не забележав, јас сум со ногава инвалид, неколку месеци, пресен, и само слегов по скали, се качив на количка, ме изнесоа надвор, дојде Пожарната, се собра народ, се направи некоја паника, го извадоа човекот и од другана барака, дојде и Брзата помош…ова многу брзо гори, сето е третокласна конструкција, плус тоа оние таблине се од смола, тоа не се гасне со вода…Она треба сето наново да се направи“, – вели Димче Китаноски, сопственик на една од опожарените бараки.

  „Девојчево, ќеркава од господинов почна да вика – пожар, пожар, дојдете. Таа веќе почнала со цревото. Меѓу оваа барака има нешто ко остава..оттука пламен имаше огромен…“ – раскажува очевидецот Никола Ѓорѓиоски.

   Инаку, во овие бараки, кои беа изградени пред дваестина години, живеат претежно социјално загрозени семејства, па без помош од државата и хуманите граѓани, велат дека тешко ќе можат сами да си ги обноват своите пеплосани домови.

 Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста