Огнената стихија околу резерватот „Jасен“ се’ уште беснее
Натчовечките напори за спас од пламените јазици на исклучително вредното национално богатство – Резерватот „Јасен“ во општина Македонски Брод, продолжуваат. Неколкудневната беспоштедна битка со огнената стихија, час дава резултати, час пожарите повторно земаат замав. Се гасне и од копно, и од воздух, ама поради високите температури, ветрот кој постојано го менува правецот и деликатноста на теренот, отежнат е речиси секој обид за целосно справување со стихијата. Засега, саниран е пожарот кај селото Слатина, а додека пожарот кај селото Девич, каде гореше мешана шума, се држи под контрола. Пожарот е стивнат и кај селата Брезница и Тажево.
(телоп) „Во најголема опасност и понатаму е Националниот парк „Јасен“. Таму пожарот е се’ уште активен и гори квалитетна висока борова шума, загрозувајќи го и дивечот во неа. Освен ова, таму се наоѓаат и важни воени објекти, што целата ситуација ја прави уште покомплицирана и подраматична. Во гаснењето на огнот на овој потег континуирано се ангажирани шест пожарникари, 50 припадници на АРМ, вработените од „Јасен“, локално население, како и неколкумина од ЈП „Македонски шуми“. А од утринава во гаснењето беа вклучени и два хеликоптери“, – ни изјави за Алфа, градоначалникот на Македонски Брод, Жарко Ристески.
И од ЦУК уште вчера апелираа за тежината на овој пожар каде борбата со пламените јазици се водеше деноноќно на линијата кај реката – понорница Оча, пред Борова Брезница за да не се пробие огнот кон внатрешноста на повеќенаменското подрачје „Јасен“ кое е од посебно значење за државата. Таму, армискиот хеликоптер „Ми 17“ во два наврата не можел многу да дејствува заради густиот чад и небезбедните услови за дејство, информираа од ЦУК.
„Апелирам до сите оние кои имаат и индиструски, но и приватни објекти, почнувајќи од куќи, викендици или било каков друг тип на објекти да направат мек појас околу нив кој што ќе биде доволно широк да не може огнот да го прескокне. Мекиот појас можат да го направат со мото-култиватор, трактор, со било каква друга машина и на тој начин да го заштитат својот имот ако дојде до појава на пожар во нивна непосредна близина“, – порача денеска Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Инаку, според ЦУК, денеска во гаснењето на пожарите низ земјава, покрај пожарникарите, на располагање се и два ер-трактори на ДСЗ, два хеликоптери на МВР, два армиски, еден црногорски, како и 90 армиски припадници.
Каролина Дурло