Официјалната веб-страница на Министерството за политички систем е само на албански јазик

Само албанскиот јазик е во употреба на официјалната страница на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со кое раководи вицепремиерот Артан Груби. Освен логото на ова министерство што е на македонски јазик, сите останати податоци и информации за активностите се на албански.

На веб-страницата има опција за избирање јазик, но кога ќе отворите во делот обележан „македонски“ пишува дека страницата е во изработка. Зошто изработката на официјалната страница започнала токму со детали на албански јазик е нејасно.

Оваа страница е во изработка, и за многу кусо време ќе биде пуштена и на македонски и на англиски јазик – изјави портпаролот на Владата Душко Арсовски.

Уште еден детал кој ја разбранува јавноста е начинот на комуникација на кабинетот на Груби. Известувањата од Министерството за политички систем медиумите ги добиваат од електронска адреса „прв заменик премиер“ иако неговата официјална титула е заменик на претседателот на Владата и Министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Тоа што на сајтот на вицепремиерот нема македонски, предизвика остри реакции посебно сега кога Бугарија го оспорува нашиот јазик.

Претходно јавноста реагираше и на начинот на кој министрите од албанскиот политички блок ги започнуваа своите прес конференции – чија пракса е прво да се обратат на албански јазик, а дури потоа на македонски.

Дел од министрите, запрашани зошто е тоа така, одговараа со совет до новинарите дека нема да биде лошо тие да го познаваат албанскиот јазик.

Дека е добро македонските новинари да научат албански порача и Министерот за животна средина, кој прв пат после година и половина министерување проговори македонски на прес конференција.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста