Однесувањето на ДУИ е закана за мирот и стабилноста, Мицкоски предупредува за индиции за епски криминал на СДСМ и ДУИ
ДУИ е закана по мирот и безбедноста на Македонија. Ова е ставот на премиерот Христијан Мицкоски кој во интервју за Фокус, го коментираше барањето на ДУИ модус принципот „победник со победник“ да влезе во правниот систем и разгледува концепт за територијална реорганизација според белгиски модел. Според Мицкоски, неодговорното однесување на ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата. Истакна дека треба да ги преземат сите неопходни мерки како влада, за да го заштитат суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава.
„Ниту на Балканот, ниту на Европа ѝ е потребен уште еден конфликт. Состојбата со Косово гледаме како се развива, Босна и Херцеговина, да не зборувам за војната во Украина. Суштината е да се одбрани капиталот стекнат во овие 22 години на политичка сцена и 20 години власт. Но, не ја исклучувам можноста одредени групи и структури да бидат изманипулирани, несвесно. И сега тие групи и структури може да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет, да создадат криза. Ние имаме задача како влада тоа да го браниме и да се одбраниме“ – вели Мицкоски.
Мицкоски истакна дека постојат сериозни индиции и докази за епски криминал и злоупотреби на големи суми пари, во повеќе институции од страна на претходната власт на СДСМ и ДУИ.
„Ако вие имате недостаток од 5 милијарди денари, што е повеќе од 80 милиони евра, за да се исплатат редовни пензии, зборувам за редовни пензии, без оние 2 пати годишни усогласувања согласно законот, без покачувања. И, кога ќе видите во одредени други институции, каде се финансираат одредени проекти, кои беа од суштинско значење и важност за ДУИ пред се, но и за СДСМ, тогаш доаѓате до заклучок дека некој овде свесно го злоупотребил буџетот за да финансира проекти, преку кои постојат основани сомневања дека тие пари биле злоупотребени. На терен, не гледаме реализација и прогрес на тие проекти. Пред се мислам на проектите поврзани со изградбата на Коридор 8 и 10-Д“ – вели Мицкоски.
Меѓу фирмите кои Премиерот ги посочи за криминално работење се „Национални шуми“ кадешто недостасувале над 8 милиони евра, средства направени за долгови. Притоа, Мицкоски вели дека фактурите биле и тројно поголеми од вообичаените, а на тендерите се постигнувала поголема цена и до 200%. Во РЕК Битола, пак, само од една зделка разликата изнесувала 40 милиони евра.
„Во овој момент, можам да кажам дека само во РЕК Битола од втората половина на 2021 година заклучно со мај 2024 година се однесени отприлика 1 милион и 600 илјади тони јаглен. Бидејќи точно се знае од рудникот колку е транспортот, тоа е 8,5 евра по тон, колку во рудникот чини рудата, колку таа се продава во РЕК Битола… Само во овој период, само за оваа зделка доаѓам до фрапантен податок дека разликата е околу 40 милиони евра. Тоа е грабеж и не е етички“ – вели Мицкоски.
Премиерот Мицкоски ги повика органите сериозно да ги истражат наведените случаи на злоупотребени државни финансии, бидејќи исплати имало, но не и реална реализација на терен.