Одлуката за олеснување на мерките договорена по телефон – од вечерва полициски час од 23 часот

Одлуката за олеснување на рестрикциите е поддржана од докторите од Комисијата за заразни болести, тврди министерот за здравство Венко Филипче, откако јавноста реагираше зошто предлогот за намалување на полицискиот час до Владата го поднел владиниот Кризен штаб, а не Комисијата за заразни болести, како што беше претходно. Министерот вели поддршка од претседателот на Комисијата добил телефонски.

„Во однос на последната одлука, со оглед на тоа што состанокот на Главниот координативен кризен штаб се одржа во понеделникот, јас имав телефонска, консултација со претседателот на Комисијата, и со дел од членовите со кои што разговаравме за предлог попуштање на рестриктивни мерки, притоа разговаравме и за сегашната епидемиолошка ситуација и состојбата во болниците односно дали има можност да се попуштат рестрикциите“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Филипче не ја исклучува можноста следната недела да има дополнително олеснување на мерките, бидејќи како што вели состојбата со вирусот полека се нормализира, а бројот на новозаразени се намалува. Дел од Клиниките ги затвораат портите за ковид позитивни пациенти и се враќаат на лекување на примарните дијагнози.

„Веќе се враќаат одделенијата во нормална работа, како што е Одделението за онкологија, за пластична хирургија, од денес почнува со работа и Клиниката за кардиологија. Значи, нема веќе таков притисок од пациенти каков што имаше претходно. Во текот на следните денови, во почетокот на следната недела, доколку трендовите продолжат во оваа насока, ќе следуваат и дополнителни попуштања на рестрикциите“, додаде Филипче.

Новите мерки за заштита од корона вирусот стапуваат на сила вечерва. Полицискиот час ќе стартува во 23 часот, а угостителските објекти летните тераси ќе треба да ги затворат во 22.30. Патниците кои во земјава ќе пристигнат од Индија или Бразил ќе одат во задолжителна 14-дневна самоизолација. Новите мерки ќе бидат на сила до 15 мај.

Биљана Божиновска