Одлуката за коалицирање со Алијанса и Алтернатива според Христијан Мицкоски е историска

Договорот за соработка со Зијадин Села и Африм Гаши е историски чекор и за ВМРО-ДПМНЕ и за Македонија, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во пресрет на претстојните локални избори. Направивме коалиција уште пред првиот круг на локалните избори во определени градови, рече Мицкоски и додаде дека ќе има поддшка определени општини, на ниво на кандидати за градоначалници. Договорено е таму каде што коалицијата Алтернатива/Алијанса ќе има кандидат, ВМРО-ДПМНЕ да не кандидира и обратно. Се разбира, во тие општини каде таа соработка е договорена.  

  • Очекувам оваа коалиција да ги победи поделбите, безнадежноста, криминалот, корупцијата, безидејноста, неспособноста, немањето визија и стратегија за развој на Македонија, историски момент за сите граѓани без разлика на етничката припадност, да покажеме дека навистина Македонија има можности и со други политичари кои се надвор од матрицата  на СДСМ и на ДУИ и дека може поинаку, рече Мицкоски.

За кандидатите на СДСМ за градоначалници, Мицкоски оцени дека „тоа се стари истрошени луѓе од времето на транзицијата, кои се покажаа комплетно неспособни и кои ја изневерија довербата на граѓаните“. Посебно го коментираше Горан Сугарески, како кандидат на СДСМ за Прилеп.

ОД СДСМ, пак, денеска реагираа за коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса/Алтернатива за локалните избори, оценувајќи дека тоа е “од немајкаде коалиција, која била однапред осудена на пропаст и на пораз“.

  • Мицкоски е до толку уплашен што промовира коалиција со истите оние кои ги нарекуваше предавници, оние кои, според ВМРО-ДПМНЕ, не го признаваат македонскиот идентитет и со истиот Села, кого неговите од ВМРО-ДПМНЕ насилно го влечеа во Собранието и му нанесоа крвави животно загрозувачки повреди на 27 април. Им кажа ли Мицкоски на Села и Гаши дека сака поништување на Договорот од Преспа? Им соошти ли дека е против Законот за јазици? Им раскажа ли што бараше во Собранието на 27 април, се навдедува во реакцијата на СДСМ.

Инаку додека опозицијата се окрупнува, власта се соочува со поделби. Се повеќе градоначалници најавија независни кандидатури за локалните избори. Како последен е кандидатот на СДСМ за градоначалник на Дебрца, Зоран Ногачески. Претходно, тоа го направи и Максим Димитриевски во Куманово.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста