Одлуката на Владата да се вратат на работа, ги вади на протест мајките на деца до шест години

Незадоволни од владината одлука да им се прекине продолженото породилно отсуство, мајките на деца до шестгодишна возраст денеска ќе излезат на протест. За шест дена треба да се вратат на работа, а градинките преполни – велат дека нема кој да се грижи за нивните деца оти капацитетите биле исполнети – очекуваат Владата да ја преиспита, според нив, нелогичната одлука.

„Според нас, одлуката на Владата е скандалозна, нелогична, непромислена. Здравјето на децата е најважно и Владата треба да одлучи што е приоритетно“. – вели Габриела Гогова – родител.

Мајките во паника – дополнително ги загрижува периодот на сезонски грип, и сметаат дека во ек на пандемија со корона вирус, престојот во установите за згрижување нема да биде безбеден за најмалите. Од друга страна, оваа ситуација ги затекна неподготвени, до 23 септември мора да најдат градинка, оти работодавците очекуваат тој ден да се вратат на своите работни места.

„Утре е петок, ние за три дена треба да најдеме градинка во која ќе ги запишеме децата. Многу родители не ги запишаа своите деца во градинка, дали ќе најдат место и како ќе се организираат за толку кратко време, а многу работодавачи веќе им се јавуваат на вработените да почнат на работа во среда“ – додава Гогова.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска смирува – според неа е логично и очекувано, од 23 септември да се прекине породилното отсуство оти центрите за ран детски развој имале капацитет и ќе функционирале по строги протоколи. Во однос на одлуката на Владата за прекин на продолженото породилно отсуство, министерката оцени дека со отворањето на градинките, оваа мерка ја изгуби смислата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста