Одлуката на ЕУ да ја стави Македонија на црната листа, за Филипче, ќе придонесе за поголема вакцинација

Лошата епидемиолошка состојба во земјава ги затвори европските граници за македонските патници. Европската унија ја ажурираше листата на земји кои се безбедни за патување, а од неа ја исфрли Македонија, заедно со Косово, Црна Гора, Израел, Либан и САД. ЕУ им препорача на 27-те земји членки да ги вратат ограничувањата за туристите од овие држави поради зголемената инфекција со корона ворусот. Македонските граѓани кои ќе сакаат да влезат во некоја од земјите членки на ЕУ ќе подлежат на строги гранични контроли, како што се тестови за коронавирус па дури и карантин.

За министерот за здравство Венко Филипче, одлуката на Европската Унија да го ограничи влезот и движењето за македонските граѓани, оди во прилог на владината политика за поголем опфат на вакцинација. Филипче е дециден дека македонските вакцинални сертификати се валидни во земјите членки на Унијата и со нив македонските граѓани ќе можат да патуваат без никакви рестрикции.

„За патување во ЕУ на вакцинираните лица не им се потребни ПЦР тестови и карантин. Нашиот тим направи специјални напори, па така вакциналниот сертификат е признат во сите европски земји и сите кои што го поседуваат слободно може да патуваат“, рече Филипче.

Советот на ЕУ ја ажурира листата за безбедно патување на секои две недели, а репер е епидемиолошката состојба во секоја земја поединечно. Прагот за да се биде во листата на безбедни земји е во државите да нема повеќе од 75 нови ковид случаи на сто илјади жители во последните две седмици. На европската листа на безбедни земји има 17 држави, вклучувајќи ги Канада, Јапонија и Нов Зеланд.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста