Одлука за помош на бизнисот се уште нема

Регионалните и европските власти со итни реакции. Само македонската Влада се уште е глува на барањата на бизнис секторот кој се соочува со огромни загуби поради коронавирусот. По вчерашниот состанок со стопанските комори, Владата не излезе со детали дали, кога и на кој начин ќе го поддржи бизнисот. Одлука за помош на стопанството се уште нема.

Бизнисот прашува, ако не му се помогне на стопанството кој ќе ја полни државната каса? Во стотици илјади евра се бројат загубите на тур-операторите кои носат странски туристи во земјава. Велат дека ќе бидат задоволни ако работата им се нормализира до август или септември. До јуни, бројот на туристи бил буквално нула. Можеле да издржат уште 2-3 месеци пред да прогласат банкрот.

Досега Координативното тело се согласило да предложи дел од хотелите привремено да се затворат. Директорот на Агенцијата за туризам признава дека немаат кризен менаџмент во вакви ситуации. Сепак, смета дека Антикорупциската комисија ќе дозволи да се формира дополнителен фонд за помош на бизнисот во предизборие, како што дала зелено светло и за разрешување на директорката на Клиниката за дерматовенерологија.

Со барања за одложување на плаќањата, намалување на придонесите, формирање на посебен паричен фонд и скратување на работното време излегоа и од Комората на занаетчии. Слични барања испорачаа скоро сите сектори, од превозниците, па се до земјоделците. Од министерството за финансии молк. Досега на повиците на бизнисот одговори само министерството за економија. Начелно за нив биле прифатливи барањата за измени во начинот на осигурување на туристичките агенции.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста