Одложена оставката на Заев поради несреќата во Бугарија

Најавената оставка на премиерот Зоран Заев повторно е одложена. Закажаните седници на Централниот и на Извршниот одбор на СДСМ, на кои требаше да се ефектуира оставката на премиерот се откажани поради автобуската несреќа во Бугарија, соопштија синоќа од партијата. Седниците беа закажани на барање на Заев, кој изјави дека ќе бара признавање на неговата оставка од функцијата лидер на партијата, што тој ја најави на 31 октомври, по поразот на СДСМ на локалните избори. Инаку Заев кој вчера беше во Бугарија на прес конференција зборувајќи за трагедијата и односите со Бугарија изјави дека трагедијата позитивно ќе се одразела на односите меѓу двете земји. „Тука сме да си помогнеме кога е тешко и да ја споделиме радоста кога е добро“ рече Заев на заедничката прес-конференција со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев.