Одложена одлуката за предлог мерките за невакцинираните

Одлуката за предлог мерките за невакцинираните ќе се носи на наредната Владина седница, на која ќе треба да се разгледаат и барањата на синдикатите. Одлуката за мерките за кои требаше да се расправа вчера беше одложена по автобуската несреќа. Со предлог мерките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести се предвидува сите вработени во јавниот сектор, Локалната самоуправа, сите институции, за одење на работно место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Синдикатите побараа, а владата најави дека ќе го разгледа и барањето трошоците за тестирањата да паднат на грбот на државата, односно на приватните компании. Бизнис заедницата реагира дека овој предлог е неприфатлив во услови кога државата нуди бесплатна вакцинација за сите граѓани. Стопанската комора бара невакцинираните работници во приватниот сектор кои последните шест месеци не прележале ковид задолжително да се тестираат, но на сопствен трошок и тоа со брзи, а не со ПЦР тестови. Бизнис секторот бара од надлежните да воведат и други мерки со кои би се поттикнал процесот на имунизација на населението.