Одбраната на Камчев упати отворено писмо до 47 министри за надворешни работи на Советот на Европа

Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев испрати отворено писмо до 47-те министри за надворешни работи на Совет на Европа. Адвокатот Тони Менкикоски изјави дека Македонија е под мониторинг на Комитетот на Министри при Советот на Европа во делот кој се однесува на примената на мерката притвор и треба да постапува согласно со Акцискиот план.

„Круцијалниот доказ врз основ на кој Камчев е противзаконски лишен од слобода и му е повторно продолжена мерката притвор е целосно незаконит доказ, односно, не смее да биде доказ во кривична постапка. Дополнително и покрај сите инсистирања од страна на одбраната Судот одбива тој доказ да го обелодени, достави и презентира на одбраната. Имено, Информацијата на АНБ врз која се заснова решението на Судот за лишување од слобода, не само што не е доставена до одбраната и Судот одбива да го стори тоа, Информацијата на АНБ е спротивна на член членот 43 од Законот за Агенцијата за национална безбедност и согласно на овој член, не може да се употреби како доказ во кривична постапка, но може да се користи за иницирање и насочување на кривична постапка, вели Менконоски.

Менкиновски додаде дека е недозволиво вршење на јавни напади и притисоци врз одбраната на Јордан Камчев, преку соопштенија и изјави.

„Поради молкот на македонските институции во овој случај, до кои повторно апелираме да започнат да постапуваат согласно својот професионален интегритет, одбраната на Јордан Камчев бара меѓународен мониторинг на случајот односно, овој случај да биде дел од процесот на мониторинг на Комитетот на министри на Советот на Европа“.

Меѓународен мониторинг се бара и поради директно кршење на Уставно загарантираните права и гаранции на Камчев на „слобода и безбедност”, „правото на ефикасна и делотворна одбрана” и на неговото право на „правично судење пред непристрасен трибунал”, како и дека бил субјект на нечовечко и понижувачко дејствување од страна на институциите на Македонскиот систем кои му ја имаат ограничено неговата слобода, вели тој.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста