Одбележан Рамазан Бајрам во тетовскиот регион

Речиси сите со маски, кои се делеа пред влезовите на џамиите,но сепак,испоседнати еден до друг, без физичка дистанца. Река од верници уште рано утрото пред џамиите за празникот Рамазан Бајрам. Неколку стотици се собраа во тетовската шарена џамија на утринската бајрам намаз молитва – внатре, дворот, па дури и паркот беше преполн со луѓе.

Традиционално од молитва се оди дома, па по гости, но годинава полицискиот час не дозволува дружба со роднините и пријателите. Сепак, има и такви, кои и покрај препораките да нема семејни собирања, велат, ќе успеат да посетат некого.

Во тетовски Порој пак, поинаква слика. Џамијата не само денеска, затворена е уште од март. Имамот вели, дека ова е најдобро и паметно решение за здравјето на граѓаните.

– Ние мора да ги слушаме и почитуваме одлуките и препораките на експертите и здравствените работници. Нема ништо поважно од здравјето на граѓаните. Еве и Америка и Саудиска Арабија, сите џамии се затворени рече имамот, Максут Абази.

Џамиите за денешниот празник се затворени и во соседно Косово. Турција пак, воведе четиридневен карантин, за да се спречи ширењето на Коронавирусот. Обидот и кај нас да се воведе карантин не успеа, па по одлуката на ИВЗ дека џамиите секако ќе бидат отворени за верници, Владата попушти, скратувајќи го полицискиот час.

Милена Вучевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста