Од вечерва се треба да затвори во 23 часот, но дали мерката има законска основа?

Забрана за работа на угостителските објекти по 23 часот, ограничен број на патници во јавниот превоз и работа за администрацијата од дома или во смени – Владата ги прифати предлог мерките на Комисијата за заразни болести за заштита на населението од Ковид 19.

„Владата исто така ја прифати и препораката целата државна и јавна администрација, Општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или пак редуцирано со систем на ротации согласно политиките на работниот процес на институциите“, вели владиниот портпарол Душко Арсовски.

Владата најави дека мерките стапуваат на сила веднаш штом бидат објавени во Службен весник. Но, ова отвора друга дилема. Работното време на угостителските објекти е регулирано со закон, така што сега останува нејасно како ќе го ограничат со владина уредба, кога за разлика од март-април, сега нема прогласено вонредна состојба. Слично како и со претходниот сет мерки кои Владата го прифати по предлог на Комисијата, како што е носење маски на отворен простор, забрана за групирање по 22 часот и ограничен број на гости во домовите но за нив се чекаат измените на Законот за заштита на населението од заразни болести кои власта сака да ги „протне“ во Парламентот по скратена постапка.

„Конкретно за угостителските објекти, во Законот стои дека тие работат до 24 часот, а во петок и самота до 1 часот по полноќ. Како без законски измени во Собранието, сега тие ќе работат до 23 часот?“, праша Алфа во Владата.

„Дозволете прецизно да ви одговориме по завршувањето на оваа прес конференција“, кусо одговори Арсовски.

Од Комората на угостители за Алфа пак велат оти одлуките на Владата штом излезат во Службен весник, угостителите ќе мора да ги почитуваат.
Сепак, останува дилемата дали на пример за ограничување на работното време на угостителите ќе мора да се интервенира во Законот за угостителска дејност каде прецизно е дефинирано работното време на угостителските објекти. Дополнително, како инспекциските служби ќе казнуваат непочитување на владините одлуки, ако тоа не е регулирано со Закон?

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста