Од утре во аптеките ќе бидат достапни новите лекови од позитивната листа
Од утре новата позитивна листа дополнета со 87 лекови, достапна за граѓаните. Пациентите со кардиоваскуларни заболувања и невролошки состојби ќе имаат современа терапија којашто се очекува да даде подобри резултати. Според докторите, ревидирањето на листата на медикаменти, е голем чекор во здравството. Со новите лекови ќе им се олесни на пациентите, но и на лекарите.
“Новото ревидирање на позитивната листа е за поздравување.Заради тоа што се наоѓаат лекови кои што пацинтите ги купуваа, и одвојуваа парични средства од сопствениот џеб.Се надевам дека ќе понатаму ќе има и дууги лекови кои ќе ги симнеме на оваа листа” вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на здружение на приватни матични доктори.
Според докторите, во следното ревидирање на листата на лекови треба да се наоѓаат и лекови за двојни и тројни тарапии, односно да се прошири изборот на лекови за кардиоваскулани заболувања.
Дополнувањето на позитивната листа, проценките на годишно ниво се дека околу еден милион евра влијание врз буџетот на Фондот за здравство за овие лекови.
Листата на лекови кои се на товар на ФЗОМ не беше ревидирана 15 години.Изминатиот период, граѓаните беа осудени да плаќаат за лекови од свој џеб и често ги набавуваа во странство бидејќи во Македонија не беа достапни.
Владата најави дека ова е само почеток на промените во позитивната листа на лекови. Во следните месеци ќе има ново надополнување на медикаменти кои ќе бидат на товар на Фондот.
Посовремени лекови очекуваат и болните од канцер, чиј број секоја година се зголемува, како и пациентите со хемофилија, леукемија, дијабетес.