Од утре влез во сите објекти само со сертификат за две вакцини

Опуштањето на рестриктивните мерки има големо влијание врз растот на бројките на новозаразени од Ковид-19, децидни се лекарите. Имунологот Александар Петличковски, во интервју за „Радио Слободна Европа“ вели дека рестриктивни мерки за невакцинираните треба да има бидејќи новиот бран почнува многу интензивно. Според него, рестрикциите даваат резултат, а тоа го покажало искуството од голем број развиени земји.

„Од она што го гледам, рестриктивните мерки повеќе даваат резултат, а тие значат забрана за посета на затворени простории, задолжително тестирање на трошок на оној кој не се вакцинирал, лекување во случај на заболување на трошок на тој кој не се вакцинирал. Јас ги оправдувам сите вакви мерки, коишто ќе ја зголемат стапката на вакцинација, бидејќи според сите научни докази вакцинацијата е најјасниот излез од кризата“, вели Александар Петличковски од Институтот за имунологија.

Петличковски признава дека Македонија има проблем со високата смртност од Ковид-19, а како причина го наведува недоволно развиениот здравствен систем и лошите услови во здравството.

„Имаме проблем дефинитивно. Смртноста ни е висока споредено со смртноста во развиените земји, ама ние не сме развиена европска земја и имаме недоволно развиен здравствен систем. Сигурно дека коморбидитетите влијаат на зголемување на смртноста. Но, имаме и лоши услови во здравствениот систем, немаме ни доволно капацитети и сите елементи комбинирани придонесуваат за оваа висока смртност, која е слична во регионот“, додава тој.

Во меѓувреме, и покрај сите апели на стручната фела, Комисијата за заразни болести не препорача воведување на нови рестриктивни мерки за да се спречи нов есенски корона бран. Единствената измена е дека од утре во затворени простории, угостителски објекти и молови наместо со една доза вакцина, ќе може да влезат само целосно имунизираните граѓани.

Наместо најава за нови мерки, министерот за здравство завчера ги повика граѓаните да бидат дисциплинирани во пресрет на верските и новогодишни празници. Вакви апели надлежните имаа уште откако почна пандемијата, но досега не вродија со плод. Лекарите пак му порачаа на министерот дека треба веднаш да се затворат ноќните клубови, кои беа отворени помеѓу двата изборни круга.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста