Од утре стартува скринингот, лекарите се поделени околу ефектите

По неколку неделно задоцнување, утре конечно треба да почне скринингот на учениците. Во првата фаза тоа ќе се врши во 9 средни училишта во Скопје. Според министерството за здравство во текот на утрешниот ден треба да се тестираат 258 средношколци, а потоа скринингот ќе продолжи низ другите градови, како Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа. Тестирањето на учениците ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута, велат од министерството.

Докторите со различни ставови околу тестирањето на учениците. Додека едни сметаат дека контрола врз пандемијата во училиштата е добра за општото здравје, други се на став дека тестирање на репрезентативен примерок нема да даде реален увод во состојбата и порачаа дека решение е само ако се тестираат сите ученици барем еднаш седмично.  

Постапката за добивање на согласност од родителите почна минатата недела, а  според надлежните процесот треба да оди брзо преку податоците од електронскиот дневник.

Здравствените власти првично најавија дека со скринингот ќе бидат опфатени помеѓу 40 и 50 илјади ученици. Сепак, последната одлука е да се тестираат близу 8200 ученици по случаен избор. Скринингот ќе се спроведува во 364 основни и 109 средни училишта. 766 ученици ќе бидат тестирани од скопските училишта, 546 од Тетово, 489 од Куманово, 378 од Битола, 309 од Прилеп и 296 од Гостивар. Тестирањето ќе биде по случаен избор, ќе го спроведуваат мобилни екипи во рамки на училиштата, а се очекува дневно да бидат опфатени по околу 1600 ученици. 

На последната анкета спроведена од факултети.мк близу 70 отсто од анкетитаните родители се изјасниле дека нема да дозвoлат нивните деца да бидат дел од Ковид скринингот во училиштата.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста