Од утре стартува имунизацијата со трета доза вакцина на „Фајзер“

Граѓаните со над 60 години, здравствените работници и лицата со хронични заболувања од утре ќе може да примат трета доза од анти ковид вакцината. Министерот за здравство Венко Филипче најави оти имунизираните граѓани од посочените категории кај кои веќе поминал период од шест месеци после примена втора доза ќе добијат СМС порака дека може да се вакцинираат со бустер дозата на Фајзер. Комитетот за имунизација ја разгледува можноста приоритет за трета доза да добијат и вработените во критичната инфраструктура.

„Таа порака ќе биде потсетување во смисла дека нема посебен термин или пункт, може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата „Борис Трајковски“, во сите други поликлиники тука во Скопје и ширум државата. Здравствените работници ќе се организираат во рамките на здравствената организација, а сите други граѓани кои што имаат болест која дава некаква имунокомпромитирана состојба, исто така со потврда од лекарите може да се јават во пунктовите“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Во меѓувреме, надлежните институции се подготвуваат за најавениот скрининг помеѓу учениците. На стартот ќе се тестира таргетиран примерок од 50-тина илјади ученици од цела Македонија. Ќе се бара и согласност од нивните родители.

„Според првичните проценки околу 40.000-50.000 брзи антигенски тестови ќе бидат потребни да се направи скринингот. Имавме координативен состанок со Министерството за образование, се работи на методологијата, како да се пристапи за да се обезбеди еден репрезентативен примерок по општини, согласно епидемиолошката ситуација. Скринингот ќе биде на територијата на цела држава, ќе започнеме со обезбедување согласност од родителите и понатаму ќе ја презентираме методологијата“, најави Филипче.

И покрај најавите дека од Октовмри ќе се заострат мерките за влез во угостителски објекти каде ќе се влегува со сертификат за примени две дози од вакцините, интересот за имунизација спласнува. Според податоците на МЗ деновиве прва доза од анти ковид вакцините примаат по околу 2000 граѓани. Вкупно во Македонија целосно се вакцинирани над 780.000 граѓани.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста