Од утре се очекува да биде во функција веб страницата за пријавување за вакцинација

Сите граѓани без разлика на возраста и здравствената состојба од утре ќе може да се пријават во електронскиот систем за вакцинација против Ковид 19, најави министерот за здравство Венко Филипче. Но, тоа нема да значи дека овие лица веднаш ќе добијат можност да ја примат анти ковид вакцината кога таа ќе стигне во земјава, туку само ќе влезат во регистарот за имунизација.

„Веб-страницата за пријавување и изразување интерес за вакцинација против Ковид-19 се очекува утре да биде во функција. Тоа значи дека буквално секој може да се пријави. Системот сам ќе генерира приоритети, што значи дека ќе ги прими податоците дури и за помладите кои немаат хронични болести, а кои изразуваат волја за вакцинација и тогаш кога ќе дојде редот за вакцинација ќе им стигне известување соодветно. Значи, волјата се изразува еднаш преку регистрација на сајтот“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Вакциналните пунктови се подготвени да примат и по 2500 граѓани дневно, се пофали министерот Филипче, но тој и денеска немаше одговор кога првите вакцини ќе стигнат во земјава.

„Овие денови интензивно разговараме за транспортот на вакцините. Ќе знаеме за кратко кога ќе пристигнат вакцините во нашата земја“, посочи Филипче.

Во Скопје во функција ќе бидат ставени пунктовите во сите поликлиники каде процесот на вакцинација ќе се одвива во попладневните часови.

„Работното време во трите поголеми поликлиники Букурешт, Јане Сандански и Чаир ќе биде во периодот од 08:00 до 20:00 часот. Оние деца коишто се претшколска или школска возраст ќе бидат упатувани од сабајле во Поликлиниката Ѓорче Петров или пак ќе бидат упатувани во амбулантата во Карпош, за да не бидат децата загрозени и тој тип на имунизација да продолжи и понатаму. Останатите 4 поликлиники ќе работат во попладневните часови“, рече првиот човек на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски.

Деталите околу набавките на вакцините засега се држат во строга тајност. Доверлива била и информацијата колку пари ќе плати државата за набавка на стотици илјади дози од неколку производители, велат од Министерството за здравство.

Сепак, престижниот ББС неодамна објави листа за тоа како се движат цените на вакцините кај различните производители. Најскапа според нив, е вакцината на „Модерна“ која чини помеѓу 25 до 37 долари. Вакцината на „Фајзер“ е 19 долари, кинеската „Синовак“ се продава по цена од 13 па се до 29 долари по доза. Најефтини засега се вакцините на „Астра Зенека“ кои чинат само 4 долари. Руската „Спутник В“ на пазарот се продава по цена од 10 долари за доза.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста