Од специјален обвинител до притвореник во Шутка – аплаузот и рекетот за Катица Јанева

Од обвинител кој требаше да ја донесе правдата до осомничен во најголемиот рекетарски скандал во историјата на Македонија. За четири години шефицата на сега мртвото СЈО Катица Јанева успеа да ги сруши надежите на оние кои жестоко ја бранеа. Како што едногласно пратениците во септември 2015-та ја поставија на функција исто така во еден час без особена дебата ја разрешија. Печат на кариерата и стави и Советот на јавни обвинители за незаконито, нестручно и несовесно работење, иако самата во една прилика посочи дека не постои некој кој може да ја смени.

Осомничената Јанева за четири години успеа да ја погази и својата свечена заклетва дека чесно и професионално ќе ја извршува новата функција, но и да ја разочара меѓународната заедница која застана зад нејзиниот избор. Нејзините амбиции отидоа до таму дека сака да стане и политичар, но заврши во Шутка.

Според опозицијата, крајот на СЈО ги потврдил нивните аларми дека обвинителството единствено служело како алатка за политички прогон.

Од власта пак која застана во сила одбрана на Катица за целиот овој период, исто како што уверуваа при формирањето на СЈО, така и сега уверуваат дека правда ќе имало.

За утре веќе е закажана нова седница на Советот на јавните обвинители кои треба да ги разрешат и 10-те помошници обвинители на Катица Јанева, кои најверојатно според претседателот на советот Колевски се враќаат во матичните обвинителства.

Според обвинителството Катица сега е во притвор за наводен поклон во вредност од 5000 евра кој го добила од првоосомничените во аферата Рекет, иако на контото на специјалните обвинители за овие години се слеаја вртоглаво високи суми на пари како месечни надоместоци.
Инаку осомничените во случајот „Рекет“ од бизнисмен барале 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони…пари кои се уште не се знае каде завршиле, а ниту пак дали истрагата ќе биде проширена.

Ивана Соколовиќ Најдова