Од следната година нови учебници по географија – без содржини навредливи за Албанците

Каракачанов бара промени во учебниците за историја, Груби да се интервенира во географијата – а Царовска прави реформи во образованието.

Последните најави за менување на содржината во учебниците се оние за средно образование во областа на географијата. Ова го побараа дел од политичките партии од албанскиот блок, оти во нив имало навредливи содржини за Албанците.

Заев вели секаде каде што имало содржини кои навредуваат, повредуваат или не се соодветни, требало да се отстранат. Најави дека учебникот по географија ќе се менувал од следната година.

-Добив информација од Министерството за образование и наука за промена на учебниците што се подготвува за следната учебна година, ќе биде променет и учебникот по Географија, кој постои од 2002 или 2006, но проблемот првпат е увиден во 2018 година и доаѓа за промена токму сега, рече Заев

Вчера на средба меѓу министерката за образование Царовска со вицепремиерот Груби и екс министерот за образование Адеми било договорено да се направи корекција и ревизија на учебникот.

Дискутиравме за сите неправилности, знаете дека и досега како Министерство повлековме учебници со дискриминирачка содржина, исто така и во овој учебник, географија втора година гимназиско образование. Исто така има содржина која е несоодветна, но формирана е Комисија, која што треба да разработи предлози и понатаму да постапуваме, рече Мила Царовска, министер за образование.

Од кабинетот на Груби соопштија дека во случајот со овој учебник, но и со другите, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебниците.

„Овој дел од законот наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ги навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Македонија“.

Промените на учебникот по географија следат откако пред десетина дена партиската младина на партиите Алијанса за Албанците и Алтернатива, укажаа на како што велат „навреди и невистини во тој учебник“ и на протестот ги скинаа и ги запалија страниците каде тие „навреди за Албанците“ се напишани. Како пример за „невистина и навреда“ тие го посочија делот кај што, според нив, пишува, „албански окупатор во западна Македонија“.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста