Од први септември назад во училишните клупи, училиштата ќе одлучуваат за исклучоци доколку е потребно
Родителите ќе може да поднесат индивидуално барање до училиштата за нивното дете да следи онлајн настава доколку тоа е потребно од немедицински причини. Сепак, министерката за образование Царовска не откри кои се тие немедицински причини. Сите други ученици од први септември се враќаат во школските клупи, под строги протоколи, носење маска и одржување дистанца. Царовска вели дека интересот за физичко присуство бил голем, а следејќи ги одлуките на Комисијата за заразни болести, за сега нема опасност доколку се отворат училишните порти.
Јасно е во програмата прикажно и во одлуката на Владата дека од немедицински причини за кои училиштето ќе има доволно аргументација да одлучи за тоа. Нема да одлучува Министерството за образование и наука, Владата, сепак станува збор за индивидуални случаи, за ретки случаи кои во училиштата ќе треба да приложат аргументација како родители или како старатели, во зависност кој ќе дојде да разговара во училиштетото. И самото училиште, заедно со наставничкиот колектив и директорот ќе одлучува за секое поединечно барање што ќе пристигне во училиштето, појасни Царовска.
Иако бројот на заразени од корона вирус секојдневно расте, а дел од наставниците се уште не се вакцинирани, Владата донесе одлука за настава со физичко присуство. Дел од родителите се противат на оваа одлука поради строгите протоколи.
Може физичко присуство ако се без маски. Дете да седи 6-7 саати под маска е криминал.
Рано е за настава со физичко присуство. Повеќе време се губи за спроведување на протоколите.
Прочитавте ли кои се протоколите? И вие се сложувате со тие мерки?
Јас не се сложувам со овие мерки…Не сум против да одат децата во школо само сега јас не сум за…И затоа не го пуштам во школо…За моето дете јас одлучувам…
Кога до вчера можеа сите ресторани да се полни, можат и училниците! – се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Како што е познато, ситуацијата во Тетово е значително алармантна, болниците се преполни а медицинскиот персонал изморен. Најголем процент од новозаразените и починатите се во Тетово. Од МОН пак велат дека и таму наставата ќе се спроведува со физичко присуство, но сепак се подготвени и на другите сценарија доколку се влоши епидемиолошката состојба.
Адријана Алексиеска