Од ноќеска РЕК Битола не произведува струја, дефект и во единствениот Блок 1 кој беше во функција

        За само три дена, во РЕК Битола, втора хаварија. После пожарот на трансформаторот на Блокот 3 во петокот вечерта, ноќеска, заради дефект, од погон е исклучен и единствениот функционален Блок 1, па РЕК Битола денеска воопшто не произведува струја. Од ЕСМ се правдаат дека станувало збор за „планско исклучување на Блок 1 поради скината цевка во котелот“ и уверуваат дека дефектот ќе биде саниран во текот на денов.

  „Заради дефект во котелот на Блок 1 за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, синоќа во 3 часот, Блок 1 е исклучен од електроенергетската мрежа на државата. Станува збор за планско исклучување на Блокот со цел санација на скинатата цевка што се смета за лесен испад на постројката. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и Блокот да биде вратен во мрежа….Во меѓувреме АД ЕСМ ги задоволува потребите од останатите капацитети, како и со набавена електрична енергија, како резрева при вакви куси испади“, – стои во соопштението од АД ЕСМ.

   Инаку, колку за потсетување, експертите уште викендов алармираа дека РЕК Битола всушност и сега реално работел само со половина Блок и дека ваквите дефекти и испади од системот можат да бидат многу веројатни.

    „Производството кое што РЕК Битола во моментов го дава, јас пак ќе речам, значи РЕК Битола работи со половина Блок, не работи ни со еден Блок, дава само 120 мегавати и ова е многу, многу критична состојба. Граѓаните добиваат уверување дека еве нема да има никаков проблем, дека распишан е тендер и многу други работи кои што апсолутно, за мене, еве да се наречам – познавач на приликите, е една голема, голема лага и тешко дека таа состојба ќе можеме вака да ја решиме како што најавува раководството на ЕСМ и претходно оваа Влада во заминување“, – вели за Алфа, м-р Спиро Мавровски, поранешен директор на РЕК Битола.

    Од друга страна, најавите на ЕСМ се дека во текот на оваа недела во функција треба да биде ставен и Блок 2, иако моменталните расположливи количини на јаглен од 40.000 тони јаглен, според експертите се доволни само за 3-4 дена непрекината работа на Комбинатот. Инаку, Македонија во моментов троши струја од преносната мрежа за што веќе доби неколку опомени од Европската енергетска мрежа.  

Каролина Дурло

                                                                                                                

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста