Од каде знаат здравствените власти дека 35% од граѓаните се лечат приватно?

Од каде пристигнуваат податоците и анализите за тоа дека третина од граѓаните во земјава се лекуваат во приватни болници? Дали власта со лажни статистики цели на мала врата да го протне концептот јавно – приватно парнерство?

Овие прашања се наметнуваат по информациите дека околу 35 % од граѓаните наместо да ги користат здравствените услуги во јавното здравство плаќаат во приватните болници.

Ваквиот податок неколкупати го сподели и го искоментира министерот Филипче.

Од Институтот за јавно здравје се повикуваат на истражување направено од страна на здружението ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените. Од таму за Алфа велат дека ваква анализа не направиле.

Овој процент сепак постои во една анализа на здужението направена пред цели пет години, но не се однесува на пари што граѓаните ги даваат од свој џеб за лекување само во приватни болници, туку за вкупните трошоци во кои вклучена е и партиципацијата во јавното здравтсво, дополнителни давачки за потребни материјали што пациентите морале да ги купат, даноци и слично.

Но, денеска Филипче вели дека се правеле и анализи внатре во Министерството, во самиот Институт на јавно здравје од каде и излегоа јавно со податоците на здруќението ЕСЕ.

Деталниот концепт за приватизација на јавното здравство ќе се знае во јуни. Тогаш, како што ветува Филипче, ќе имало резултати од големиот број на физибилити студии што се подготвуваат, меѓудругото, и за јавно-приватното партнерство, иако ниту една ваква студија сега засега не се споделува јавно, Филипче тврди дека ќе има широка дебата.

Ваквиот концепт може да доведе цели градови и региони да останат без примарна заштита, а и одредени специјалности што сериозно ќе влијае на квалитетот на здравствените услуги на локално ниво.

Сања Трајковска Ставров