Од идната недела можно олабавување на мерките

Комисијата за заразни болести денеска треба да ја разгледа можноста за олабавување на КОВИД-мерките и за укинување на полицискиот час, а прва тема за дискусија на состанокот ќе биде носењето маски на отворено.

Одлуката на Комисијата зависи од проценката на целокупната епидемиолошка ситуација и на параметрите, но и од предвидувањата и информациите за КОВИД-соевите како индискиот, кои се потенцијален ризик за државата.

Во меѓувреме, бројот на заразени стивнува, а вакцинирани се речиси 228.000 граѓани. Последниот официјален КОВИД-биланс е 53 нови случаи, 111 оздравени и 13 починати лица.

Поради ова, надлежните очекуваат ублажување на мерките од идната недела. Владината Група за процена, пак, вчера едногласно реши да предложи продолжување на кризната состојба на територијата на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на КОВИД и спречување на неговото ширење.

– Земајќи ги предвид бројките кои укажуваат на многу брзо стивнување на епидемијата, јас сум оптимист дека следната недела ќе има ублажување на мерките. Не би сакал да шпекулирам кои мерки конкретно. Меѓутоа, сите мерки кои се преземени, ќе подлегнат на уште една дополнителна ревизија. Ние како Министерство за здравство и како Влада, едвај чекаме да ги повлечеме мерките, но без да го ризикуваме здравјето на нашите граѓани, изјави заменик-минисерот за здравство Илир Хасани.

На Хасани му пречи носењето маска на отворено. Го чувствува како товар. Тој е и за целосно укинување на полицискиот час, но, вели, за тоа треба да одлучи Комисијата за заразни болести.
Комисијата ќе донесе одлука врз основа на целокупната епидемиолошка ситуација, на параметрите, врз основа на предвидувањата и информациите што ги имаме во однос на другите соеви кои се потенцијален ризик за нашата држава, како на пример индискиот и други. Треба да бидеме многу внимателни за да го зачуваме здравјето, нагласи Хасани.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста