Од европските земји до карантин, сведоштва за нехуман однос при транспортот на граѓаните
Повеќе од 5 часа мојата ќерка е затворена во автобус без вода и можност да оди во тоалет – ваков статус на револтирана мајка вчера ги преплави социјалните мрежи. Таа пишува дека нејзината ќерка, која со група македонски државјани се врати со хуманитарниот лет од Љубљана, со часови чекала да биде сместена во државен карантин, без храна и вода. Меѓу заробените во автобусот имало и мајки со деца.
„Од 15.30 е затворена во автобусот пред Макпетрол, Маврово, чекајќи преглед за да ги сместат. Нема воздух, шоферот си отишол, нема каде да се бунат, затворени како најголеми криминалци“.
На лошите услови во транспортот, се пожали и кинематографот од „Медена земја“, Самир Љума. Тој преку Фејсбук објави видеа на кои се гледа како дел од Македонците кои се вратија со летот од Мемингем, во автобусот пушат цигари, оти така им дозволил шоферот. Денеска Љума ги избриша видеата, па се пофали оти условите во карантинот биле добри.
Социјалните мрежи вријат – за лошите услови реагираа и нашинците во Фејсбук групата „Македонци во Германија“. Срамота е велат да се чека 10 часа во автобус, заклучени без вода и јадење.
„На крај те сместуваат во Маврово каде што пиле не прелетува и те информираат дека имаш само спиење, а јадење мислете како ќе се снајдете“.
„Еве ја вечерата, ни лажичка ни ништо, со прсти јадете или лижете како животните“.
„Јас вчера допатував со хуманитарниот лет од Словенија. Тоа хуман треба да се тргне затоа што со самото доаѓање на аеродром ние бевме опасност за државата. И карантинот не важи за сите. Имаше и патник кој си го земаа од аеродром“.
Пред два дена, пак, во редакцијата на Алфа се јави група граѓани сместени во детското одморалиште Махајлово близу Кавадарци. Тие се пожалија оти немале греење во собите, а дополнително револтирани биле и од дрскиот однос на полицијата која го обезбедува објектот.
Инаку, до денес над 1100 македонски државјани вратени од повеќе европски земји се наоѓаат во 15-дневен задолжителен државен карантин. За денеска најавени се и чартер летови од германските градови Берлин и Келн.
Биљана Божиновска