Од денеска се дише „слободно“ – граѓаните се опуштија, но дали се избрзува?

По осум месеци конечно „паднаа“ маските на отворено, но здравствените власти и натаму препорачуваат граѓаните да не се групираат. Маската ќе остане задолжителна во јавниот и во такси превозот, како и во сите затворени простории. Граѓаните велат дека од сега конечно можат да здивнат, во надеж дека животот ќе се враќа во нормала.

  • Конечно да дишеме слободно, фала му на Бога сега е океј вака, барем кога станува збор за отворен простор. Мислам дека надвор не треба да се носат маски, тоа нема логика. Супер е вака, да дишеме како што треба, но мора да се чуваме и пазиме, посебно во затворени простории и автобуси, велат дел од граѓаните пред камерата на Алфа.

Олеснувања има и во однос на работата на угостителските објекти. Сега на една маса наместо четворица, ќе може да седат шест луѓе. Ќе има и свадби, прослави и веселби, но само на отворено на летните тераси, каде може да седнат максимум 100 гости, но не повеќе од 50% од капацитетот на просторот.

  • Движење без маски на отворено, организирање  свадби, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 отсто од вкупниот капацитет на посетители, се дел од измените на рестриктивни мерки што ги усвои Владата вчера на седница, по намалувањето на бројот на новозаболените од ковид-19, вели портпаролот на Владата Мухамед Хоџа.

Угостителите го поздравуваат олабавувањето на мерките, но сметаат дека има многу нелогичности. Бараат да се дозволи жива музика секаде, а не само во рестораните за свадби. Од сега дозволено е и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено, но само до 30% од вкупниот капацитет со одржување растојание.

Наспроти олеснетите мерки, полицискиот час останува уште две недели, односно до 15 јуни, од полноќ до 4 часот наутро.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста