Од денеска кај матичен лекар може да се закажува тестирање за Ковид -19

Дисперзирани пунктови за тестирање на Ковид – 19. Од денеска 14 центри за тестирање на пациенти со симптоми на корона вирус ќе работат ширум земјава. Два од нив веќе функционираат во Скопје.

„Пинктови за тестирање на Корона вирус од денеска функционираат во скопските поликлиники Јане Сандански и Ченто. Пациентите термин за да направат тест ќе можат да закажат преку матичните лекари“.

Над 1200 матични лекари преку системот Мој Термин ќе можат да закажуваат тестирање за вирусот, но по претходна индикација. Пациентот на матичниот доктор ќе треба да му ја каже комплетната епидемиолошка анкета, какви симптоми има и дали бил во контакт со веќе заразено лице. Докторот, пак, ќе одлучи дали постојат индиции за тестирање.

„Согласно податоците матичниот лекар веќе има електронски алгоритам кој ќе укаже на тоа дали е потребно тестирање или не, и доколку е потребно кој е степенот на итност. Со тоа преку системот Мојтермин ќе се закаже соодветно време во кое што ќе биде земен брисот“, велат од Министерството за здравство.

Од Здравствен дом Скопје информираат дека пунктовите ќе работат од 8 до 14 часот, а во поликлиниката Јане Сандански веќе биле закажани дваесетина термини за пациентите. Наскоро ваков пункт ќе биде отворен и во Општината Гази Баба.

Лекувањето на пациентите кои ќе бидат тестирани позитивни ќе зависело од нивната клиничка слика, велат надлежните. Тимот епидемиолози ќе треба да оцени дали болниот ќе биде хоспитализиран на Клиника или ќе остане на домашно лекување и ќе биде во секојдневна комуникација со медицинскиот тим.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста