Од четврток започнува тестирањето на вакцината против коронавирус во Велика Британија

Во Велика Британија од четврток ќе започне тестирањето на вакцината против вирусот Ковид -19 на луѓе, изјави британскиот министер за здравство Мет Хенкок.

Тој додал дека вакцината ја развиле научници од Универзитетот Оксфорд , и дека таа има 80 проценти за успех.

За ова истражување ќе бидат издвоени 20 милиони фунти , изјави британскиот министер Хенкок, пренесе Скај Њуз.

Тим од Институтот Џенер на Оксфорд започнува со производство на вакцината пред тестирањето да биде завршено за да се обезбеди доза од 1 милион вакцини до септември.

Хенкок истакнал дека развивањето на вакцината „е несигурна наука“ , но дека два тима постигнале „брз напредок“ и дека тимовите целосно ќе бидат подржани од Владата.

-Во исто време ќе вложиме во производството , така да ако било која од овие вакцини делува , таа ќе им биде достапна на Британците што побрзо, изјавил Хенкок, но предупредил дека во овој процес ништо не е сигурно.

Вакцината наречена „ ChAdOx1 nCoV-19″ е направена од безопасен вирус од шимпанзо кој генетски е конструиран да носи дел од корона вирусот . Оваа техника веќе покажала да создава силни имунолошки одговори кај другите болести.

Договор за производство на вакцината веќе е постигнат со три производители во Велика Британија и уште неколку во другите земји.

Професорката Сара Гилберт од Универзитетот Оксфорд изјавила дека се надева дека до 500 лица ќе бидат дел од тестирањето до средината на мај и дека самото истражување ќе биде целосно контролирано.