Од четирите македонски преставници во Европа, Шкупи со најголеми шанси за второ коло

Заврши првиот круг натпревари за македонските претставници на клупската Евро-сцена на УЕФА. Од четирите екипи единствено Шкупи може да се пофали со одличен резултат, кој со една нога ги носи во наредното квалификациско коло. Избраниците на Гоце Седлоски со победа од 2-0 ќе патуваат на реваншот кај косовскиот Љапи во Конференциската лига на УЕФА. Кире Марковски и Руанда Руатубјаје му донесоа огромна радост на чаирскиот клуб, кој по се изгледа конечно во четвртиот обид е на добар пат да ја мине првата препрека во Европа.

„Заслужено победивме, но ова е само ‘прво полувреме’. Имаме уште еден меч и реваншот што нѐ чека секако ќе биде тежок. Затоа стоиме цврсто на земја, но имаме доволно време да се подготвиме за тоа што следи. Некои играчи првпат играа вакви мечеви, но на терен исполнија сѐ што побарав и затоа победата е заслужена. Но, знам дека можеме подобро од ова. Сепак, овој тим е во формирање, две недели е заедно, но ќе се поправиме во следните седум дена за да бидеме уште подобри“, изјави тренерот Гоце Седлоски.

Доколку Шкупи ја оправда фаворитската улога и на реваншот наредниот четврток на „Фадиљ Ворки“ во Приштина, тимот на Седлоски во следното коло за противник ќе ја има португалска Санта Клара. Не треба да ги отпишеме и другите два македонски европреставници, кои ремизираа со 1-1 во првите дуели, Струга на гости кај летонска Лиепаја, а Силекс во Скопје со молдавски Петрокуб. Ниту Шкендија, која како македонски шампион нѐ претставува во Лигата на шампионите, по домашниот минимален пораз од словенечка Мура.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста