Од 16-те монтажни болници на Филипче, до сега нема ниту една

Во исчекување на есенскиот бран на епидемијата, се уште ниту една од 16-те најавени монтажни болници не е поставена.  Такви според планот треба да има и во Гевгелија и Струмица . Дали во септември како што беше планирано ќе бидат готови засега никој со сигурност не кажува.  Локалните власти топката ја префрлаат на Министерството.

Градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков бил на одмор, а од општината не упатија одговорот да сме го барале од Филипче.  

“Барајте одговор од министерот и министерството за здравство, затоа што ние имаме дадено само начелна согласност. Тоа допрва ќе се решава. Не е издадена ниту дозволата за изградба. На седницата на советот на 27-ми ќе има расправа за тоа.” – велат од општина Гевгелија.

Од Министерството пак конкретен датум не кажуваат, само велат дека се во фаза на подготовка.

“Проектните единици на Министерството за здравство и Светската банка во моментов активно работат на припремни постапки за отпочнување на процес на изградба и ставање во функција на 16те Ковид центри во државата. Тие се во фаза на подготовка и штом бидат во фаза на ставање во функција, ќе бидете навремено информирани.” – велат од Министерство за здравство.

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, вели дека се правеле подготовки, но за тоа им биле  потребни финансиски средства. Но не беше прецизен до каде се подготовките.

“Заради ситуацијата со Корона ние ќе се обидеме да изградиме монтажна болница навреме, но за тоа треба да се издвојат финансиски средства кои сепак не се предвидени во буџетот на општина Струмица, па од некоја програма ќе мораме да скратиме.” – рече Коста Јаневски – градоначалник на Струмица.

Монтажната болница во Гевгелија е предвидено да се изгради на паркингот до општата болница, додека во Струмица, во дворот на болницата.

Дијана Тасева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста