Обвинувања за измама тешка 250.000 евра- ќе заврши ли Лила како обвинета во судските клупи?

Дали и Лила ќе заврши како обвинета за измама во судските клупи? Обвинувања за сериозен криминал пристигнуваат на нејзина адреса. Косопственичката на градежната фирма „Дан-Мак“ вели дека била измамена за 250 илјади евра во шемата на Боки 13, за наводно учество во ЕУ проекти за изградба на старски домови. Посредничка во овој случај според зборовите на Ена Норнилд била водителката.

Таа во изјава за порталот Мкд.мк вели дека се започнало на почетокот на 2017-та година, кога ја избрала Лила како заштитно лице на нејзиниот козметички салон, а се било добро до летото 2017-та, кога добила понуда за како што вели „добра бизнис зделка“ за фирмата „Дан-Мак“.

-Ми рече дека е добра пријателка со Боки 13, кој добил проект од ЕУ за изградба на домови за ранливи категории и за стари лица. Авторка на проектот била Лила, Боки го добил од ЕУ, а јас за да учествувам во проектот, во изградбата на тие домови, требаше да ѝ платам 250 илјади евра на авторката на проектот. Таа ми кажа дека во проектот вложила и свои пари. Не се посомневав во ништо од ова, на крајот на краиштата Лила тогаш уште работеше за мене. Побарав средба со Боки. Отидовме во неговата куќа во Орман. Кога влегов внатре, сѐ беше под знакот на ЕУ – знамиња, папки, беџеви, пенкалца… Тој ми рече дека проектот веќе е добиен, но е заштитен, а деталите ќе може да се видат откако ќе се плати учеството. Со мојот адвокат спремив договор, со извршни клаузули за двете страни ако некој не ги испочитува условите од договорот, вели Норнилд.

Норнилд вели никогаш не го видела проектот. Раскажува дека на 21 јуни 2017-та година, Лила цела во плач влегла во нејзината канцеларија и рекла дека животот и зависи ако парите не се платат токму дента. Исплатата била завршена истиот ден: 13,5 милиони денари биле префрлени на сметката на Лила Филиповска, која веднаш потоа, под името Лила Стојановска, ги конвертирала денарите во 250 илјади евра во кеш. Помалку и чудно е зошто ниту една институција не реагирала на ваквата голема кеш исплата.

Норнилд овој случај го пријавила и во Обвинителството, но вели предметот се уште се чува во фиока. Од ОЈО за Алфа велат дека постапуваат по предметот, а доколку бидат утврдени материјални докази, можно е проширување на случајот „Меѓународен сојуз“.

Со цел утврдување на фактите беа сослушани и пријавителите и пријавената, кои приложија документација како поткрепа на своите искази... Доколку во предметот бидат утврдени материјални докази за поврзаност со предметот „Меѓународен сојуз“, постапката соодветно ќе продолжи, велат од ОЈО.

Ена Норнилд измамата ја пријавила и во канцеларијата на ЕУ во Македонија, но се уште не добила одговор дали таков проект навистина постоел. Лила Стојановска најавувајќи тужби, ги демантираше тврдењата на Норнилд. Потврдува дека земала пари од неа, меѓутоа дека откако проектот не успеал и ги вратила парите. Вели дека изминатиов период се води хајка против неа, со што и била нанесена огромна штета, поради валкање на нејзиното име и чест.

Матеја Петровски