Обвинителството се уште молчи: Ќе биде ли Заев некогаш повикан да проговори за средбата со Пекер?!

Веќе два месеци Обвинителството молчи дали премиерот Зоран Заев ќе биде повикан на разговор, по тврдењето на турскиот нарко бос Седат Пекер, кој во Македонија има пасош со лажен идентитет, дека бил гостин неговиот дом. Алфа повторно праша дали премиерот е повикан или можеби планираат да го повикаат, меѓутоа одговор повторно нема. Според многумина Заев би морал да биде повикан на разговор, ако се знае дека Пекер во видео порака кажа дека бил во неговиот дом.

-Јас сум Седат Пекер, го познавам премиер на Македонија, му бев на гости дома, сите други партиски лидери ги познавам. Добив депортирање поради 3 дена прекршување, тоа не можам да го прифатам, вели Пекер.

Името на Седат Пекер стана актуелно во Македонија откако опозицијата го откри скандалот „Мафија“, за давање на пасоши со лажен идентитет на светски познати криминалци и нарко босови. А тој заврши само со пресуди за обични службеници од пасошкото одделение во МВР, без ниту едно поголемо име. Премиерот не сакаше премногу да говори за тврдењата на Пекер, но ги оправда средбите на неговите коалициони партнери со турскиот криминалец, велејќи не можеле да знаат дека станува збор за лице со криминално досие.

-Апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој позадински работел на некакви нелегални пасоши или слично и апсолутно не гледам никаква вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите од партнерите партии имале средба, на негово барање низ чаршијата или на други места. Но, апсолутно никој не може да каже дека некој има вина поради тоа, заради тоа што нормално е кога некој ќе побара средба, е некој да ја закаже средбата, изјави Заев на осми април.

Иако ставот на голем број експерти е дека по сите објавени информации истрагата требала да биде проширена од страна на Обвинителството, досега од такво нешто нема ништо.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста