Обвинителството се прогласи за ненадлежно: Дончев ја потврдува снимката, Шекеринска го брани

Обвинителството се прогласи за ненадлежно да постапува за видеото „лепливи раце“, каде се гледа како поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, наводно зема поткуп. Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат немало да постапуваат по нецелосни снимки и претпоставки, иако на снимката се гледа дека екс директорот Дончев, зема одредена сума пари која ја става во ташна .

-Во надлежност на Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција е откривањето на кривичните дела од економско финансиска природа. Обвинителството укажува дека секој што поседува докази дека е сторено кривично дело истото треба да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во обвинителството и да ги приложи доказите по што обвинителството ќе отвори предмет и ќе преземе дејствија за расветлување на случајот, велат од ОЈО.

Додека Обвинителството крева раце од овој случај, врвот на СДСМ го брани еден од најблиските соработници на Заев. Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, слично како и нејзиниот партиски лидер, вели немало никакви докази, иако се гледа како Дончев зема пари во кеш, а во аудио снимката објавена на Јутјуб, се слуша како наводно врши и притисок врз работата на полицијата.

-Очекувам сите оние кои што нешто тврдат тоа да го покажат со нешто повеќе од аудио без видео и видео без аудио. Изминативе месеци, претпоставувам и наредниве 20 до 30 дена на многу фејк њуз и тоа претпоставувам дека е очекувано во избори, изјави Шекеринска.

Со писмен демант излезе Дончев, вели снимките биле нецелосни и манипулативни со цел тој да бил политички деградиран. Сепак, Дончев не сака да ја коментира првата аудио снимка, вели се што имал да каже за Дијамед, го кажал кога бил на позицијата директор. Ја потврдува содржина на второобјавената аудио снимка, како и на видео материјалот каде зема пари, сепак вели биле од приватен карактер и не се поврзани со неговата јавна функција.

-Објавената Видеоснимка по мое сеќавање е од поодамна и станува збор за снимка од приватен карактер. Секако, останува понатаму Државните институции да си ја вршат својата работа, вели Дончев во демантот. 

Додека беше на функција, за Дончев во јавноста пукна аферата „Рекет 2“. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ и поранешната сопственичка на „Дијамед“, Дончев заедно со министерот за здравство Венко Филипче се обидел да ја попречи продажбата на компанија на странскиот инвеститор „Диаверум“ од Шведска, со што сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

Инаку, Ден Дончев во мај годинава си поднесе оставка од директорската позиција во Фондот за здравствено осигурување. Тој ги отфрли овие обвинувања, а оставката ја правдаше со „лични причини“.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста