Обвинителството отвори уште две истраги против Рашковски

Се проширува истрагата за поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. По чешлањето на документите од истрагата со софтверот за МВР, Обвинителството за организиран криминал и корупција почнува истрага против него и уште двајца за два нови случаи- едниот за набавка на софтвер, а другиот исплата на хонорари за аворски договори. Според информации од Обвинителството Рашковски со уште две други лица кои се веќе осомничени и во случајот со набавката на сообраќајниот софтвер спровеле јавни набавки и го оштетиле државниот буџет за 6.623.916,00 денари, а во другиот случај направиле исплата на хонорари за авторски договори со второосомничениот. Според обвинителството, при спроведување на јавна набавка екс генсекот заедно со останатите осомничени ја злоупотребил службената положба и ја спровел набавката.

-Без да се испочитуваат одредбите од Законот за јавни набавки, во втората половина на 2017 година, без спроведена постапка за јавна набавка, првоосомничениот извршил плаќање по разни основи на правно лице сопственост на третоосомничениот во вкупен износ од 168.100,00 денари или 2.720 евра, стои во соопштението од Обвинителството.

Според информациите на Обвинителството Рашковски заедно со останатите осомничени од мај 2019 година до февруари.2021 година, ја искористил државната позиција  и склучил два авторски договори за кои на месечно ниво на второосомничениот му биле исплаќани по 80.000,00 денари. Парите биле делени во сооднос 5:3 во корист на второосомничениот, а Рашковски за себе прибавил вкупно 590.000,00 денари.

Рашковски веќе е во притвор со уште тројца други за набавката на сообраќајниот софтвер за МВР, кој го спроведе без ничие знаење и без потреба на институциите. Заедно со отворањето на двата случаја, Обвинителството бара и продолжување на притворот за Драги Рашковски и останатите осомничени, за набавката на сообраќајниот софтвер.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста