Обвинителството не презема ништо по објавените „бомби“- ќе се „разбудат“ ли обвинителите?

Обвинителството се уште немо за неколкуте скандали објавени во изминативе 10-тина дена, во кои има индиции за сериозни криминални дејствија на луѓе од највисоките ешалони на власта. Последен случај кој гласно одекна во јавноста, е видео материјалот каде се гледа екс директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, како зема пари во кеш и ги става во чанта.

И покрај тоа, Обвинителството веќе се прогласи за ненадлежно за овој случај, велејќи дека станувало збор за нецелосни снимки и претпоставки, иако веродостојна на видео материјалот ја призна и Дончев, сепак кажувајќи дека станува збор за приватна снимка.

Ниту зборовите на Боки 13, кои претставуваат сериозна индиција за можен тежок криминал од страна на браќата Заеви, не се доволни за Обвинителството да отвори предмет по допрен глас.

-Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви, не кај Бојан Јовановски, кажа Боки 13 пред судот откако ја слушна пресудата за „Рекет“.

По овие искажани зборови во судот, Боки 13 од Шутка беше спроведен во Основното јавно обвинителство Скопје, каде поднесе кривични пријави против повеќе лица, а дел од нив и функционерите од власта. Пред да пристигне во Oбвинителството, Боки 13 преку својот адвокат добил порака, да не зборува многу пред обвинителите. Но, и за ова Обвинителството молчи. Сашко Дукоски иако не кажа имиња, посочи дека меѓу кривичните пријави поради кои Јовановски доби закани, опфатени се и функционери од власта.

-И едни и други и повеќе не ме прашувајте, и од еден и од друг калибар, законот ме обврзува и не можам да коментирам. Не е фер, не не е фер, не е законски да коментирам за кого, толку може да добиете, во смисла и од еден и од друг калибар, изјави Дукоски.

За серијата скандалозни аудио и видео материјали, досега реагираше само полицијата. Вчера исказ пред инспекторите од одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал даваше Ден Дончев.

Како што кажа министерот за внатрешни Наќе Чулев, во текот на денешниот записникот од вчерашниот распит ќе биде испратен до Обвинителството, каде ќе треба да одлучат дали има елементи за покренување постапка против Дончев.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста